Skip to content

Годините врежуваат надеж – Славица Урумова-Марковска

  • by

Крвта пролеана од древноста
се наѕира во маглините на оваа земја.
Лежи – проколната
како лузна врз рана.
Чиниш солза истечува низ лузните
вдлабени од дождот
си прави пат и дише.
Ја гледам оваа земја ранета,
а сепак убава.
Жуборот го задушува стравот
патот минува под зборовите
годините врежуваат надеж…
Кој те благослови!
Времето да го разделиш,
од судот да избегаш,
храброста да ја обликуваш во камен?
Застана дружината немо одеднаш,
а останаа да се движат
само правта и чадот.
Дружината се приклучи кон
вековниот сон кој дреме во каменот,
и така нескршливо
низ векот се провлекува
криејќи ја тајната на својата вечност
и убавината што не го напушта мојот дом.

Оваа песна на авторката Славица Урумова-Марковска во 2003 г. е првонаградена на конкурс по повод 100 години Илинден од библиотека „Браќа Миладиновци“.

Напишете коментар