Skip to content

Прстен – Гане Тодоровски

Да беа свадбите три дни, на три ќе се стореше таа,
толку ја здоболе ноќва –
и како чекан да ѝ зачекани по темето.
Тапаните згрготеа и песна вивна,
та саноќ ни да стивне.

А беа нејзини и прстенот на раката и тој. О, гад! –
Ги прегази вечерите сребролики и она сè
што лаките и копите го сокрија од другите.
Другоселка си зема. Поубава. О, несреќна токмепице,
зар еден е на светов?

Сурлите ора плетат. Ајде, не туку шуткај се
небидо. Та нека видат – танец водиш.
Се подзагледаа селаните. Од скраја прошепотија.
Леба ти, поглеј ја, нели е полична. Улав!

Ја тресат ноќта тапани. И жед и по и вино.

Утредента пред прагот најдоа прстен в калта.
Злат прстен фрлен в кал. Злат и свршенички.
Дечиштата мрсулави закукуригаа: нејзин!
Ја вишле, велеа липајќи кај го газела,
потем трчаница се сокрила зад плевната.

Го грабнаа наврапито домашните, та в оган.
Пеплишта нека се стори – проколнаа домашните,
клетвата пепел да стане – проколнаа домашните,
оние што ја нејќеа токменицата.

А беа нејзини и прстенот на раката и тој.

Божилак (1960)

Напишете коментар