Skip to content

80 годишен јубилеј од Денот на народното востание на македонскиот народ

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври е државен празник кој се празнува на денешен ден. Востанието се кренало против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот. И дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

Историја на настанот

По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, сега помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. На 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел. Истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник. На 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ. На 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.

За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски. Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески. Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.

Како напаѓале поделените групи?

Во акцијата на првата група бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп. Потоа, Аспарух Јосифовски фрлил бомба врз стражарницата. Меѓутоа, надвор се нашол уште еден војник и отворил оган врз групата и со тоа овозможил стражарите да се извлечат. Потоа настанала вооружена престрелка, а групата успеала да се извлече по речното корито. Помеѓу партизаните немало загинати.

Втората група нападот го започнала точно во 22 часот. Во предвиденото време незабележана групата се доближила до затворот и во моментот кога ја слушнала престрелката пред полициската станица по фрлената бомба јуришала на затворот. Од затворот било возвратено со оган. Откако било констатирано дека не може да се влезе во затворот за да се ослободат затворениците биле фрлени бомби со што било овозможено без губитоци групата да се повлече по тесните улици

Третата група со спојување на телефрафските и електричните жици успешно го прекинува телефонскиот сообраќај за да не може воениот гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот. По изведените акции сите три групи се повлекуваат без губитоци на зборното место наречено Средоточна вода во текот на ноќта додека во градот сѐ уште се слушаат истрели од огнено оружје.

Дејствија и во другите градови низ земјата

Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред – на 17 октомври.Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зел учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.

Награда 11 Октомври

По повод овој празник во Република Македонија традиционално се доделуваат наградите „11. Октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности. Традиционално наградите се доделуваат во зградата на Македонското Собрание. Според Законот за државните награди на Република Македонија со државната награда „11 Октомври” се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес.

Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата. Под условите определени во конкурсот може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

Напишете коментар