Skip to content

Декларација – Гане Тодоровски

Мене ми треба плата на поет и уште ќерка
за да си дојдат работите на место!
Тогаш не ќе сум оној постојано што го меркаат
за да го проверат низ триста ми ти тестови.

Мене ми треба плата на поет, не: хонорари!
Знам, оти тогаш да римувам што-годе нема.
Славата ќе им ја отстапам на другарите
според правилата на алтруистичката теорема.

Мене ми треба публика, строга и жива,
што мудро знае да молчи, до урнебес да плеска,
публика – правдиви преценувачи а не навивачи
како на некоја фудбалска хумореска.

Мене ми треба плата на поет и допир
низ којшто ќе се знае кои сме и кај сме!
Славата-ним, на филантропите,
а сè друго на најпривлечниот насмев.

Стихот мој тогаш ќе чини колку што чини.
Драг ќе е колку секој првестија син.
Поттик ќе значи за метаболизмот, ќе врие од витамини,
ќе биде препотентен ко протеин!

Напишете коментар