Skip to content

Привиденија – Матеја Матевски

Слегуваме долго во ноќта
по тихата пустелија
кога светна крај патот
во браздата
за миг
како наточена молња
светлото на кренатиот нож
Го отвораше тој нагло грлото изненадено
на стаписаната штама

Го видовме или пак не тој поглед
како од препалено стакло
или ни се пристори сал
тој крик
што ја прободе темницата
на човекот
Крик на погодена птица
карпа одронета
во беспатицата на здивот

Продолживме да слегуваме ние
од уплавот на ридот
кон уплавот на светот
дур остана зад нас збиднувањето во ноќта
треската на ранетата планета под стаписаната вселена

И додека чувствуваме дека болка станува сè
на безимените сечила
орачи на секнато семе во беспомошната ноќ
сенката нивна глува продолжува да ја гори
снагата на небесната штама
притаена
под покривот
на надежта

Завевање (1996)

Напишете коментар