Skip to content

Виното на самотникот – Шарл Бодлер

На заводлива жена погледот полн со тајни
што очите наши како луна ќе ги плисне
со бел зрак, кога таа над езеро ќе висне,
капејќи си ја убоста во ноќите сјајни;

во рацете на играчот златниците задни;
разузданиот бакнеж на Аделина блудна;
звукот на музиката возбудлива и чудна
што прилега на крикови на луѓето страдни;

сето тоа не е вредно, о длабоко шише,
колку твоето богатство, твојот мевлем скришен,
што го чуваш за поетот побожен и жеден;
со грстови надеж, младост, живот ти му даваш
и гордост – тоа богатство на човекот беден –
која напоредно со боговите нè става!

Цвеќиња на злото (1857)

Напишете коментар