Skip to content

Губење – А. Лефкоска

Мислев ќе се помирам со сѐ,
мислев ќе дојде време да се
справам со сѐ што беше
и дека ќе испишам и ќе помине,
ко да не било, ко да испарило
ко да не постоело и не болело.

Мислев ќе те снема од таа слика,
дека среќна ќе сум штом ве видам
во некоја следна прилика,
мислев ќе можам очи да ти држам
без да се прашувам што ќе беше
ако не беше она што беше,
мислев ќе можам рака да пружам
без да се тресе,
мислев ќе се смеам искрено,
а јас тонам и тонам и се гонам во вино црвено:

Се губам во очите,
се губам ко сенка пред пламен разгорен,
се губам во она што го молчиме,
се губам ко боја на човек разболен,
се губам во парфемот и близината,
се губам ко оган низ градови разорен,
се губам ко патник во туѓа земја загубен,
се губам во реалноста во која лажна е вистината
се губам, ко тажен поет на туѓа свадба заљубен.

Напишете коментар