Skip to content

Во афект – А. Лефкоска

Не, не ни се допревме, ама трага остана,
и ден денеска не знам како да објаснам…
Имаше нешто во воздухот таа есен,
таа зима, таа пролет,
ко световите да беа отворени
и ко кармата да беше влезена во еден
човек дојден да ме повреди.

Не, не се ни допревме, ама посакував..
Барем така ќе знаев дека она што е судено на пропаст
ќе пропадне,
да се допревме, можеби и немаше толку да се расплакувам одвнатре
на тоа едно име што исто е ко многу други, ама сепак искокнува,
немаше толку долго да чекам над телефон за една проклета порака,
немаше да се прашувам дали нешто подруго требаше да направам
или, па себеси да се терам да верувам дека  беше кукавица
или уште полошо – човек брзо што се досадува – ко маѓепсник со две лица.

Не, не се ни допревме, ама некако знаеше да продреш
во оние делови на душата што треба да се свети,
ко со бодеж створен за крвопролевање,
ко лицемерен пророк заситен од сопственото верување.

Да, пред да заминеш ме допре – ме прегрна,
не знаев тогаш тоа дека значи дека се збогува.
И да знаев, што ќе ми сменеше?
Можда само малку – помалку ќе болеше.

Се врати сега, ама не ме препозна,
го гледам тој скиселен израз и бурмата што засветкува,
гледам како седи и се превиткува,
ко да не сака да нагази на почвата што со мене ја помина.

Не, не се ни допревме, ама трага остана.
Ме научи да разликувам што е љубов,
а што тага (писателска) по незавршена приказна,
ме научи дека не секој заслужува да види одреден дел од душата,
а најмалку еден циник што се плаши од чувствата.

Напишете коментар