Skip to content

Кратка приказна за (не)моралот

Често слушаме од (по)старите како денес, ние, младите немаме вистински систем на вредности. Како секаде околу нас се сервираат неверства. Како се служиме со лаги и измами. И како во нивно време не било вака како што е денес. Ама дали ние, младите, го измисливме неморалот и гревот? Или неморалот и гревот постојат откако Ева каснала од забранетото јаболко? Нејсе. Да се вратам на мојата кратка приказна за (не)моралот.

Едно неделно попладне си седам во дневната соба на баба ми. На столот, наспроти мене, седи нејзината постара пријателка, која има повеќе од осумдесет години. Ама си се гледа, па е на нога. Дури тие две си муабетеа, јас си бев оптегната на креветот, ко внука кај баба и нешто чепкав во мојот паметен телефон. Баба ми влезе во кујната, да свари кафе за сите три. А јас забележувам дека нејзината пријателка љубопитно гледа де во мене, де во екранот од мојот телефон. Небарај може да види или да прочита нешто од толку далеку.

– Вие младиве денеска, само чепкате во тоа телефоните. – ми вели. – Ѓаволски изуми. Ама ич не се пазите. Не знајте да се пазите. – ја гледам замислено женава. Не знам на какво пазење мисли. Сигурно не знае толку многу за сајбер криминалот. А таа голтна една голтка од водата и продолжи. – Колку разводи има заради тоа телефоните. Се стои во нив. Ништо не се бриши. Се останува. – значи не е ѓаволски да подлажуваш, ама ѓаволски се телефоните. Јас, сакајќи да се надоврзам, додадов:

– Е така е, бабо Стојне, денеска сè и сешто има на телефониве.

– Ами ти во наше време мислиш немаше такви работи? – јас останав со полу отворена уста. Дури сега почнав да сфаќам дека старицата мисли за вистински неверства, кои постоеле откако постои човекот. – Само немаше телефони ко денеска, за некој да разбери. Ќе се договориш негде скришум. Ќе се најдите в темница. Ќе појдите во некоја плевна. Кој ќе ве види во темницата? А и да ве види, што ќе види освен две силуети? Вие пишувате тука сè и сешто. Се договарате. Не бришите. И после имало разводи. Нормално дека ќе има.

Јас само си се изнасмеав. Баба ми се врати и нè послужи со кафе. Останав подзамислена после муабетот од баба Стојна. Неверства и гревови изгледа секогаш имало. И секогаш ќе има. Оти има некое проклетство во човекот што прави забранететото овошје да му изгледа најслатко. Само до пред некое време немавме социјални мрежи. Немавме мобилни телефони. Љубовнците не се будали, па да ти се јават на фиксен. А сега, доволно е да видиш кој каде стега повеќе лајкови и некако сè ти станува јасно.

Може и не сме толку неморални како младина. Само јавно го сервираме неморалот. И јавно ни го сервираат неморалот. На телевизија, во сериите што ги гледаме, во реалните шоуа. Сами паѓаме во стапицата што на сите ни е достапна. Оти неморалот и гревот постојат откако Ева каснала од забранетото јаболко. Само, ако не видел некој околу неа, никој немало да знае што се случило.

Напишете коментар