Skip to content

Чаша фрлена и искршена на подот во ноќен клуб во петок навечер

Уште една кристална чаша полна со водка-мартини испи на екс. Течноста ѝ минуваше низ грлото. Ѝ го гореше хранопроводот. Вкусот на комбинацијата беше слатко-горчлив, исто како неа. Наместо да молчи и да пие, посакував да зборува. Но таа само ги празнеше чашите полни со алкохол. Велеше дека личат на неа. А потоа, со сета сила, ги фрлаше на подот. Чашите се кршеа. И уште повеќе личеа на неа. Ја отсликуваа во целост. Гламурозна како кристалот. Слатко-горчлива ко водка-мартини. Празна ко чаша испиена на екс, а потоа удрена од подот и скршена на парчиња.

Никако не можеше да разбере зошто секогаш завршува скршена. Ко чаша на под во ноќен клуб во петок навечер. Нејзините парчиња завршуваа во раце во коишто не припаѓаат. Во машки раце кои не можат да држат толку остро стакло оти се плашат да не се исечат. Беше слаб играч за петочните гужви. Ич не се разбираше во љубовни игри. Може да се каже дека воопшто не ги сакаше игрите топло-ладно. Според неа, љубовта беше едноставна. Ако сакаш некого, му се предаваш целосно. Без топло-ладно. Без влечење за нос. Но, зар може љубовта да е интересна без тоа? Може ли и без такви игри копнежот да е голем?

Некогаш, траги од нејзиниот кармин завршуваа на вратовите на мажи кои воопшто не ги познаваше. Горчината од нивниот парфем, која ѝ остануваше на јазикот, ја потсеќаше колку тие не ја познаваат неа. Некогаш, на бутовите имаше траги од заби кои ништо не будеа во неа. Вистинското во неа беше заспано. А таа, таа беше празна и скршена, ко чаша фрлена на подот. Заборавена и згазена од толпа народ во ноќниот клуб во петок навечер.

Напишете коментар