Skip to content

До секој што ќе го прочита ова: „Не се откажувај!“

Текстов го пишувам понеделнички за дневна доза мотивација. Денот ми почна рано, по не знам кој пат повторно се уверив дека може да се функционира со четиричасовен сон, но не е воопшто пријатно чувство. Ако може да се извлече поука од денов, меѓудругите би била дека ноќното спиење за ништо на светов не смее да се скрати. Спијте ги тие седум до осум часа сон во текот на ноќта за преку ден да се чувствувате убаво. Во мојот случај краткиот сон се должеше на умор измешан со настинка проследена со затнат нос и прекини во спиењето. Будејќи се на секои половина час јасно ми беше дека телото и умот ќе си бараат поголема енергетска издржливост.

Денот ми прелета низ прсти, прилично исполнет со активности. Се спушти и ноќта полека, па вечерва заспивањето би требало да биде полесно. Зошто го пишувам ова? Затоа што има и такви денови кога не сме комплетно одморени, а мора да ги извршувме секојдневните обврски. Никој нема да нè праша дали можеме и дали сме наспани, освен на оние што вистински им значиме. Едноставно се претопуваме во толпата и гледаме да си го “истераме“ денот пред да го повикаме сонот.

Запрете за миг и помислете колку денови во годината ви се (беа) такви, кога сте на работ на издржливоста? Ако се повеќе од десет тогаш значи дека треба малку да запрете. Дајте си го одморот што го заслужувате. Не посегајте по работни задачи кои сами си ги наметнувате само за да се чувствувате корисно. Некои денови подобро е да не се прави ништо отколку да се прави сè со голема доза на притисок.

Тука сум да ве потсетам дека не смеете да се откажете од себе. Од што сакате откажете се, но само не од себе и од надежта што ја чувствувате во вас. Негувајте ја секоја мисла поврзана со надеж и прегрнете ги миговите кои ги доживувате сега. Вие сте креатори на своите мисли и бирајте ги мудро. Обрнете внимание каква е нивната содржина и на каков начин си зборувате во себе. Дали зборовите се охрабрувачки, позитивни и гледаат на позитивната страна на нештата? Или пак се полни со критицизам, негодување и песимизам?

Ова го потенцирам бидејќи не е залудно речедено дека “какви ти се мислите, таков ти е животот“. Можеби не баш во најбуквална смисла бидејќи дури и човекот кому се случиле еден куп трагедии може да одбере да размислува позитивно и да одлучи да гледа на светлата страна. Сè зависи од вас, а најверојатно и започнува со вашата мисла. За крај на текстов, ќе ве оставам со убава мисла. Ќе ви порачам да си бидете светлина самите и во најголемиот мрак.

Ви посакувам да си бидите херои во сопствените животи, а ако имате прилика и во туѓа приказна да бидете херој – уште подобро. До секој што ќе го прочита ова, сакам да ве потсетам уште еднаш да не се откажувате од себе. Не ги пригушувајте своите надежи, цели, планови, фантазии. Не ја хранете рамнодушноста, не ја потиснувајте тагата и сакајте се!

Напишете коментар