Skip to content

И ден денес – Маринела Апостоловска

  • by

И ден денес, кога ќе се завртам назад и ќе погледнам поубаво, кога ќе се сетам на сè што беше, ми крвари душата. И ден денес кога ќе те сонувам, не сакам да се разбудам а се будам за инает, па будна сонувам дека си тука. И ден денес кога ќе те сретнам, посакувам времето да застане. Да застанеш и ти, да ме фатиш за рака и да отидеме во непознат правец. Да не се вратиме никогаш.

И ден денес посакувам да влезам во таа соба во која ми остана срцето, да ги исчистам трагите и да си заминам. Да ја заклучам вратата со катанец, и да го фрлам со сета сила, да не го најдам никогаш повеќе. Никогаш повеќе да не посакам да влезам внатре. И ден денес ќе се запрашам, ќе погледнам во душата и ќе ја видам онаа љубов која ме чека да се вратам назад и да покажам со прст, да кажам “да, таа љубов, баш таа љубов ме доведе до тука. Таа љубов е причината која ме кочи и ме враќа назад. Баш таа љубов поради која изгубив сè што имав, баш таа заради која ги изгубив сите други љубови кои можеа да ми се случат. Баш таа, која ме чека таму, да се вратам, и со прст да покажам, што всушност, немам повеќе.”

И ден денес, кога ќе погледнам назад, ја гледам онаа љубов која ме чека, онаа единствена. Која ме подсетува на топлата зима и прегратките кои ми недостасуваат премногу. Тие прегратки во кои можев да умрам. Да не помислам, да не се премислам. Само да ги затворам очите и да кажам дека сум сигурна, дека не ми недостига ништо повеќе, дека нема да жалам за ништо.

И ден денес ја гледам онаа љубов која остана таму. Во таа соба. Ми се чини, како да сака да ми каже нешто. Како да сака да каже дека сè уште не е завршено, и дека, никогаш нема да заврши. Можеби ќе заврши оној момент, кога срцето ќе престане да ми чука. Затоа што нема да има веќе причина да чука. А знам, тоа чука само за тебе. И ќе чука, чувстувам.

Маринела Апостоловска

Напишете коментар