Skip to content

Дојди в шума – А. Лефкоска

Дојди в шума да најдеш среќа
и магија и самовили в песна
и природа бесна и нескротена,
од солзите на Божицата створена.

Дојди в шума да се изгубиш
и да се пронајдеш и да се откриеш
и во најчистата форма себе да се покажеш,
дојди в шума, па за ништо да не се каеш.

Дојди в шума да не умреш жива,
да се потсетиш дека си света и дива,
да се родиш пак
и да се засакаш себе
во најголемиот свој пекол и мрак.

Дојди в шума да ги најдеш сите одговори
на тие со прашалници пропратени зборови,
дојди в шума душа да одмориш
срце да разгориш
и в зеленило сѐ што болело да заборавиш.

Дојди в шума, само тивко и нежно собуј ги нозете боси,
шумата ќе те прегрне и ќе ти ги избрише тие твои горки солзи,
дојди в шума да најдеш стари и заборавени светови,
затскриени вешто зад најшарените ползаливи цветови,
дојди в шума мир и песна да најдеш распослани в ширина,
„Дојди в шума“ – стариот глас непрестано зборува и повторува,
„Дојди в шума да ја спознаеш таа твоја чиста и скриена вистина:

Дива си, дива и магична –
жена изгорена – жива запалена
па станата од пепелта.
Дива си дива и магична
моќна и силна –
ќерка на мајката Божица.
Дива си дива и магична,
жена што плени и лекува.
Дива си дива и магична
моќна и силна – шумска вештерка.”

 

Напишете коментар