Skip to content

Трагедијата што се случи е уште една лекција која потсетува на важни работи

Изутринава осамна веста за големата трагедија во автобуската несреќа случена синоќа во која загинаа 46 македонски државјани. Меѓу жртвите имало и 12 деца од кои најмалите биле на четиригодишна возраст. Речиси и да нема човек кој не прочитал барем една статија или не слушнал на вести за овој трагичен настан. Во текстов нема да пишувам за недопотврдените факти, кој е виновен, каде треба да се бара одговорноста и зошто се случила несреќата. Компетентни лица треба да излезат со официјални информации. Тие треба да известат подобро од било кое шпекулирање што може на интернет да се напише. Или да биде напишано од новинар чијашто вест може да биде нецелосно точна.

За кликнувања и лајкови што сè нема да се напише, сподели и да се објави. За дополнителни прегледи и собирање лајкови при соопштување за вакви несреќи, македонските информативни портали се први кои бомбардираат со секакви детали. Имајте малку почит барем кон семејствата на настраданите. Знаете дека и тинејџери имаат пристап до интернет и можат да прочитаат што пишувате, така? Внимателност во соопштувањето на деликатни податоци бараме. Не дека мене така ми текнало, туку ги земам во предвид другарчињата чиишто врсници загинаа и веќе нема да ги видат. Тие се љубопитни и сакаат да знаат што точно се случило, а сигурно ќе побараат на интернет. Да не бидат истрауматизирани дополнително со она што ќе го прочитаат, малу со усул.

Синоќа згаснаа 46 животи на луѓе и деца кои беа наши сожители. Тие се нечии синови и ќерки, внуци, татковци, мајки, баби, дедовци, браќа, сестри. Сите имаат потесно и пошироко семејство. За жал, според листата во настраданите има и по едно цело потесно семејство. Свесни сме дека нив ништо не ги враќа назад. Којзнае колкава неопислива болка чувствуваат тие што ги познаваа и беа дел од нивните животи. Не сакам да помислам на болката и агонијата што ги доживувале во последните мигови. Никој не заслужува таков трагичен крај. Ничиј живот не е безвреден за да заврши сурово, изненадно, со страдење.

Прогласената тридневна жалост нека нè потсети дека сите можевме да бидеме на нивно место. И жално е само ако при вакви трагедии почнуваме повеќе да си ги цениме животите. Да не чекаме да се случи нешто налик ова за да научиме да ги вреднуваме малите нешта во нашето секојдневие. Обичната прошетка, телефонски разговор со блиска личност, одење на училиште, на работа итн. се моменти кои имаат непроценливо значење за секој еден. Навидум обични и секојдневни нешта, но кога ќе помислиме дека некому тие засекогаш му се прекинати, сфаќаме колку се значјани нели?

Самата помисла дека некој утре нема да се пробуди за во училиште, дека друг нема да си појде на своето работно место, трети нема повеќе да се вратат во нивните домови каде ги чекаат најблиските, истовремено е жална и вклучува аларам дека треба да ги цениме своите и туѓите животи. И не треба да чекаме да се случи нешто слично на ова за да ни стане јасно колку сè е минливо. Дека времето тече, никого не чека и она што го имаме во овој момент може многу лесно да се изгуби за само неколку секунди.

Сите згаснати животи не се само двоцифрена бројка, не се само црна листа поради која знамињата се спуштени на половина копје. Ниту едно изразување на поддршка, сочувство или помош на било кој начин нема да ја зацели болката на сите најблиску инволвирани. Преживеаните кои се спасиле имаат доживеано преголем стрес и траума. Никој не сакаме да бидеме во нивна кожа, верувам. Она што го посведочивме во изминативе години и ова денеска не може да се спореди со ништо. Ниту пак би требало да се споредува со нешто. Само да се испрати една порака до сите луѓе, а таа е дека: „Со човечките животи не смее да се игра!“.

Пишав дека нема да пишувам околу конкретните случувања бидејќи немам податоци што точно се случило. Сакам да потенцирам дека сите вклучени во транспорт, компании, нивни вработени, возачи и други одговорни лица не смеат патниците да ги третираат исклучиво како бројки. Луѓето не се стока која треба да се пренесува од една дестинација до друга. Не се обична цифра за пополнување дневна норма што треба да се исполни за бизнисот да “цвета“. Тие се индивидуи со свои идентитети, имиња и презимиња, потоа сè друго. Емоционалните и физичките последици што ќе ги носат преживеаните, остануваат со нив до крајот на животот.

Сочувство до сите семејства на настраданите, а преживеаните да закрепнат најбрзо што може. Ова е само една реченица која денес многупати беше кажана, напишана и помислана од многумина. Денешниот ден е доказ дека сите тагуваат на ист начин, дека пред несреќите не е важно ни кој си, од каде си. Во тагата сите луѓе се еднакви бидејќи таа не разликува пол, род, вера, возраст, националност и останати определби. Трагедијата што се случи е уште една лекција која потсетува на важни работи кои не смееме да ги занемаруваме.

И после еден месец отсега да останеме свесни за сè, како сега во овој момент. Да се присетиме дека “денеска сме тука, а утре можеби и ќе нè снема“, па да не го денгубиме скапоценото време на тривијални нешта. Да го зграпчиме момент што го имаме сега и овде. На саканите да им покажеме колку ни значат бидејќи сакале да признаеме или не, никогаш не знаеме кога некого го гледаме за последен пат. Бидете емпатични и сочувствителни и понатаму, не само денес. Бидете човечни и почитувајте се меѓусебно. Животот ни прелетува за миг, а тој е сè што имаме. Возете внимателно и не брзајте никаде, ќе стигнете на време. Не возете побрзо од животот бидејќи дури и да доцните многу е поважно да стигнете безбедно, здрави и живи. Сè може да почека, но животот не.

Напишете коментар