Skip to content

Писмото на Татјана до Онегин – А. Пушкин

Ви пишувам, зар за нешто поарно знам?
И што повеќе можам да Ви кажам?
Сега од Вашата волја зависи мојот срам,
и дал`зарад презирот Ваш ќе тажам.
Но, ако мојата судбина Вас ве трогне
и срцето Ваше за сожал сила смогне
Вашите мисли ќе ми бидат стража.

Да си молчам и трпам првин сакав
за срамотата која лакомо ме јаде
па ни сега не би знаеле за ваа мака,
оти, бар да смеев да имам надеж,
дека пак ќе дојдете во нашиот крај
и дека, макар и ретко, пак ќе можам
да Ве видам во нашиов селски рај,
гласот мој со Вашиот да го сложам,
нешто малку потајно да Ви речам
а потоа да се каам во јад и мрак,
со денови раните да си ги лечам –
сѐ додека Вие не ни дојдете пак.
Но, табиетлија сте вие, тоа се знае,
тешко поднесувате селска апатија;
но, за Вас имаме радост која сјае
и тоа не е придворна дипломатија.
А зошто дојдовте во идилава цветна?

Во степата, кајшто животот ми мине,
јас сигурно Вас немаше да Ве сретнам
и не ќе знаев за страдов што ме кине.
Со мирни чувства, во душевен спокој,
може некогаш ќе му заскокоткав око
на некој што припросто пие од стомна,
ќе му станев сопруга тивка и скромна
за ко мајка нашите деца да ме помнат.

На друг! Но не, на друг не би го дала
срцево што копнежот луд ми го јаде!
Од пишаното не бегам, велам фала,
на Небото што мене на тебе ме даде;
та, целиот мој живот беше жирант
дека сред луѓето тебе ќе те сретам;
тебе Бог ми те прати да се смирам,
да ме штитиш до патот преку Лета.

Ти ми доаѓаше во соништата често
за они љубов за тебе да ми внушат;
од погледот твој не ме држи место
оти гласот твој одамна го слушам.
Не, мене не ме подлажа сон-гамен
зашто штом кај нас влезе јас знаев:
премрена во копнежниот пламен
јас овој човек во срцево го таев!
Зар не е верно дека веќе те слушав
кога помагав на една бедна душа:
во тишина ти умен совет ми кажа
како јад да лечам без шарена лажа,
со молитви чемерот да го блажам?

Зар не беше ти во оној час среќен
драго мигновение на мојата мечта,
што помина во ноќта како сенка
и ме погали како шепотно цвеќе,
вкоренувајќи ја на љубовта речта:
од надеж до очај нишката е тенка?
Кој си ти? Дали си мој ангел-чувар,
ил`дух кобен на искушение што тера?
Стивни ги сомнежите што ме гушат.
Може судбината сосем друго мува,
може утрето да е само мртво вчера
и заблуда сал на мојата млада душа.

Па, така нека биде, што да кријам?
На милоста твоја се предавам себе
и солзи на болката пред тебе лијам,
заштита молам од добриот во тебе.
Јас овде сум во осаменички помин,
немам никој што може да ме сфати;
снеможувам и духот мој се сломи,
со страдање моето срце ќе плати.
Те чекам, гласот на надежта во мене
оживеј го со поглед, направи чекор,
ил`од тешкиот сон тој нека ме крене
со горчлив ама справедлив прекор!
Завршив! Ред е малку да се смирам,
иако срамот страв в срце втерува.
Но Вашата чест убаво ми гарантира
и нејзе без страв ѝ се доверувам!

Прочитајте како Пушкин квалитетно го поминал времето во изолација за време на владеењето на чумата

                                                                                                                                                                                                                                                                 Препев: Љ. Бочваров

Напишете коментар