Skip to content

Сакам недели

Неделите се подарок. Цел ден кој можеш да го минеш со семејството. Секоја недела започнува и завршува слично. Сончевите зраци продираат низ темната завеса во мојата соба. Ме буди мјаукањето на мачките, џагорот на децата што веќе играат на улицата и гласното смеење на соседките. Се собрале во нечиј двор за да испијат едно неделно кафе додека неделниот ручек се крчка на шпорињата во нивните кујни. Некој од соседите го мие својот автомобил. Баба Станка ги полева цвеќињата и вади уште една чинија со попара за уличните мачки. Саботното лудило ми удира во слепоочниците.

Се измолкнувам од под јорганот. Дома нема никој. И мајка ми е кај соседката. На шпоретот се вари кокошка. Веднаш до кокошката ставам ѓезве со кафе. Силно кафе што ќе ми ја разбистри главата. Можам да се шетам цел ден во пижами. Мачката ми се умилкува меѓу нозете. Кафето зоврива во ѓезвето. Го претурам во мојот омилен филџан. Во едната рака го држам филџанот кафе, а во другата мачорот. Балансирам некако до фотелјата. Мачката ја земам в скут и ја почестувам со една прекрасна масажа додека чекам да ми се олади кафето. Кокошката врие. Слушам како врелата вода го поместува капакот на тенџерето лево-десно. Потоа следува оној познат звук на претекување. Рипам од фотелјата и трчам за да го кренам капакот. Мачката лета некаде на подот и ме гледа намуртено.

Минува уште една недела. На теловите во дворовите се суши облека со мирис на лаванда и јорговани. Во домовите, некој ги бриши подовите. Некој пегла облека. А некој се почестува себеси со купка со мирис на кајсија. Неделното попладне мириса на торта со ореви. Некогаш мириса на пржени питулици. А најмногу сакам кога мириса на печен зелник со тиква. Во недела навечер се сместувам на омилениот дел од дневната соба. Се туткам под ќебето на двоседот. На телевизија го гледам моето омилено шоу. Редовно се почестувам со чашка алкохол и музика. Се држам до ритуалите. Затоа и ги сакам неделите. Заљубена сум во моите неделни ритуали.

Напишете коментар