Skip to content

Жена во клубот со пијано

Кога првпат ја здогледав како влегува во клубот со пијанo, како од целата просторија да исчезна воздухот. Музиката и гласовите на луѓето станаа само обична врева. Сите околу се претворија во безначајни силуети. Нејзината енергија беше толку силна, што ме тераше да гледам само во неa. Да го следам секој нејзин чекор. Секој нејзин потег.

Гледав чиста страст во нејзините очи. Искри. Пламени јазици кои ќе ме голтнат без воопшто да размислат. Оти таква беше таа. Грешна. Создадена од грев. Со нежно, ангелско лице. А разбеснати мисли и погледи од кои го слушаш само гласот на ѓаволот. Гледав страст во начинот на кој ги изговара зборовите. Во начинот на кој ја држи чашата полна со водка-мартини. Во голите колена кои ѝ се допираа секогаш кога ги прекрстуваше нозете лево или десно. Страст имаше дури и во кристалното ланче кое ѝ висеше на вратот.

Не беше ураган. Не беше ниту експлозија. Нешто повеќе беше. Оти имаше нешто посебно во начинот на кој ги извртуваше зборовите. Знаеше што ќе се случи, уште пред да се случи. Смела беше. Нескротлива. Дива. Ако некој излезе на крај со неа, ќе му организираме забава во клубот со пијано. Само ако успее бетер да ѝ ги разгори фантазиите. Ако успее да ѝ продре меѓу бедрата. Најважно, да успее да ѝ се пикне под кожа, во умот, во мислите. Оти таа срце сигурно нема.

Кога првпат ја здогледав како влегува во клубот со пијано, како од целата просторија да исчезна воздухот. Таа ја наполни со сомнеж. Со сомнеж дека не постои друга таква. Со сомнеж дека веќе никогаш нема да се појави слична на неа. Со сомнеж, дека секој во клубот со пијано сака да се вовлече меѓу нејзините колена. Со сомнеж, дека никогаш нема да ја имам. А стално ќе биде само моја.

Напишете коментар