Skip to content

Излишен живот – Кратка Зен приказна

Некој фармер толку остарел што веќе не можел да работи на нивите. По цел ден само седел на тремот. Син му, сѐ уште работејќи на фармата, одвреме-навреме ќе го погледнел и ќе го видел кај си седи.
„Нема аир од него“, си мислел, „ништо не работи!“ Еден ден синот толку се огорчил, што изделкал дрвен ковчег, го довлечкал до тремот и му рекол на татка си да влезе внатре. Без збор, таткото се пикнал внатре. Откако го затворил капакот, синот го довлечкал до крајот на фармата каде имало една длабока провалија.

Како што наближувал до работ, слушнал слабо потчукнување одвнатре од капакот од ковчегот. Го отворил. Мирно лежејќи си внатре, таткото му се опулил на сина си. „Знаев дека ќе ме фрлиш во провалијава, само пред да го сториш тоа, може нешто да ти предложам?“ „Што?“ –запрашал синот. „Фрли ме во провалијава, ако сакаш,“ рекол таткото, „но зачувај го овој здрав дрвен ковчег. Може ќе им притреба на твоите деца“.

Прочитајте ја и приказната „Љубовта објаснува сè”.

Напишете коментар