Skip to content

Срцето ми е соба – А. Лефкоска

Срцето ми е соба,
со јадежи и спомени полна,
од гневови и болки болна,
од срамови разлушпена,
од предавства заклучена,
од силни плими и осеки разрушена.
Срцето ми е замок,
пред кој змејот го чува гардот,
срцето ми е соба,
пред неа река крокодили полна,
зад неа јами длабоки пеколни,
за никој да не може до него да се доближи.
Срцето ми е кафез,
храм со заѕидан влез,
Божество заробено,
срцето ми е и р’ѓа
и злато изгубено,
најдено, па фрлено.
Срцето ми е гулаб без крила
што лета високо,
поет слеп што се гура полека низ животот,
срцето ми е и ѕвезда и соѕвездија,
срцето ми е и песнава.

Напишете коментар