Skip to content

Твои стихови – Лина Димоска

Ми мирисаше на сусам од ѓевречиња.
На оние ѓевречиња што мајка ми ми ги купуваше
дури се возев на количиња в чаршија.
На ѓевречињата што ги продаваа некои чичковци
од тепсиите што ги држеа на рамењата
и шетаа низ чаршија.
На сусамот од тие ѓевречиња ми мирисаше.
На ѓевречињата од детство.

Ми беше топол ко шишето со врела вода
што си го спремав секоја ноќ во зима,
пред да се стуткам под ќебињата во мојата ладна соба,
па го земав в прегратки и си го лепев на стомакот
за потопло да ми биде.
Така ми мирисаше.
Толку многу ме топлеше.

Авантура ми беше.
Ко крадење сливи и кајсии од дворот на комшиите.
Ко трчање со дланките и на очи
и ѕиркање меѓу прстите уште едни тинејџери
што се бакнуваат некаде зад кино.
Ко играње на Чуџука во десет на вечер пред барака
и блескање од среќа оти уште дома не ме викнале.
Восхитена бев од тебе.
Ко првпат ко го видов големиот екран в кино.
Ко првпат ко видов копа со сено од прозорецот во возот,
а мислев метла дека е. Џиновска метла.

И не ми вели.
Не вели дека радост и јас не ти донесов.
Дека не те вратив во некои други времиња
во кои кафичите беа преполни луѓе,
во кои си бил среќен.
Поинаков.
Целосен.
Пробај пред Бога заколни се
дека ништо не ти значев,
дека не ти бев драга
и дека ниту еднаш не си помислил на мене пред да заспиеш.
Не пред другите,
ами пред Бога.
Ако и пред него се заколнеш дека не си ме сакал,
верувај, ќе заминам без трага.
Ќе заминам засекогаш.

Напишете коментар