Skip to content

Сонце во декември

Велат зимското сонце било со заби, знаело да каса. Ти го грее лицето, а истовремено ти студи ако не си доволно облечен. Ама јас знам и луѓе вака што касаат, како зимско сонце. Прво ќе ти ја згреат душата, а после прават ледени мразулци од срцето твое. Е зошто ќе си речеш. Во изобилството на многу одговори кои почнуваат со “затоа што“, не барај одговори, залудно е. Гледај да ги стопиш мразулците и да те огрее лето дури и во зима. Да ти е топло на душата, во себе да веруваш и себеси да се сакаш. Клише? Не верувам дека некому штети ако прочита некој убав збор уште помалку би се бунел ако стане стварност.

Ги слушам стрелките од ѕидниот часовник како отчукуваат во повторлив, хармоничен ритам. Се менуваат со секоја измината секунда, кружат следејќи го својот однапред програмиран правец. Смената на годишните времиња оди по својот тек, на начин на којшто природата одлучила да се менува. Ние им се прилагодуваме секогаш. И на времето и на природата. Ако времето не можеме да го вратиме, а можеме да го измериме во часови или пак периоди, тогаш можеме да научиме да не го потценуваме.

Ако природата е Божји дар, креација на Создателот или создадена сама по себе или како последица на долгогодишна еволуција, кои сме ние да ја менуваме? Ако се обидуваме да ја смениме, промената нека биде барем и во нејзина корист, не само во наша. Оти таа постоела и пред нас, ќе постои и после нас, а ние сме само нејзини гости. Во домот којшто ни е заеднички на сите, по некој тек, природна селекција и случувања, ние сме се распространиле низ сите краишта од светот. Нè делат илјадници километри едни со други, а толку многу сме слични. Слични ни се соновите, целите, желбите, радостите, насмевките. Во страдањата и маките сме многу послични отколку што можеме да замислиме.

Се сконцентрирувам на сегашниов миг, сè уште го слушам отчукувањето на стрелките додека над ринглата од шпоретот се крева пареа од тенџерето со ручекот. Пишувањево на овие мисли ми помогна барем за одреден краток период да заборавам на постоењето на времето. Додека мислите ги претоворав во реченици исчезна и звукот од стрелките заедно со пареата од тенџерето. Мирисот од пареата ме враќа во реалноста од која избегав накратко. Сонцето во декември ме потсети дека и во најголемата зима тоа може да изгрее. Во најголемите горештини сè уште не сме виделе да падне снег. Но во минусни температури и почва прекриена со снег, зланото сонце не заборава да нè посети.

Сонцето – вечно, повторливо, топло, златно, жолто, пеколно, силно, слабо, на заоѓање или изгревање. Во овој декември испраќа порака дека секогаш после зима доаѓа пролетта.

Напишете коментар