Skip to content

Убави нешта – А. Лефкоска

Гледаме вести – црни хроники, тага и очај. Гледаме вести. Читаме весници ко маѓепсани, ко изгубени. Не можеме да одолееме на апатијата што излегува од таа магична кутија и затоа не се помрднуваме, ниту трепкаме, ниту подголтуваме. Се навикнавме – велат нашите. Нема ништо убаво – велат помладите. Родени во општество со граници, да веруваат во сѐ грдо што ќе речат весници, портали и телевизии. Толку заслепени, безнадежни што не ни го бараат убавото што накратко се шепоти. Она што како рози низ плевел наоколу р’ти. А има – леле, колку убаво има во светов. Колку љубовни приказни, расцутени – остварени, колку деца со животот изборени. Колку градини и цвеќа и паркови и фонтани, а над нив: над нив ѕвезди – треперливи. Забораваме, низ сета оваа заитаност да посакаме желби. Низ хаосот на загадени градови, да ги видиме низ цементот пораснатите љубичици. Тоа убавото – кај го снема? Еве го тука е.

Леле, колку убаво само има. Овошки од дрвја и зеленчуци родени од земја, а земјата плодна и миризлива – во живот што нѐ одржува, нашата сакана Гаиа што подобро заслужува.
Леле, колку убаво има; музика и птици и полиња ширни. Поезија и Уметност. Проза и Магија вткаени заедно со душата низ хартија. Леле, колку убаво има низ тие дневни апатии, тој очај и тие солзи. Змајеви разлетани и некои други деца развикани по тие улици.

Леле, колку убаво има внатре во нас. Некогаш и боли од што не може да излезе наеднаш, ама и болката е пријатна – од неа чудо се создава; подадени цвеќиња на бабичката на улица, помош на комшијата што си купил нов плакар, а живее на десетти спрат, насмевка на жената што ги простира алиштата. Поема за девојката со Аурора Бореалис во очите, портрет од дечкото со ушник на левото уше, книга за жената што секоја вечер сонливо пуфка цигара на терасата, химна за бабата што три деца родила, а дупло изгледала.

Колку убаво само има, во пукнатините на животот, во ќошевите кај што никој очи нема вперено и уши начулено веќе долго време, а тие што не престанале да гледаат – одново и одново  благословени се.
Животот е тежок, ама не е црн и секој со сешто се бори и за миг заборава на сета едноставна убавина. На животот од кој уметност извира и уметноста која сѐ што не може да се каже оживува.

Леле, ако се сетиме само колку убаво во нас и околу нас има, телевизорот ќе стане само една брборлива, изкарикатурирана кутија што само има моќ, кога моќта му е дадена, исто и порталите што очај и страв шират и новината.

Прочитајте го и натписот „Сонце во декември.“

Напишете коментар