Skip to content

Гласот на Ирина – А. Лефкоска

Пред прозорот е застаната,
везе и тивко потпевнува –
чека часот да зачука,
да се сети како било кога била млада и храбра,
наместо секоја вечер со смртта да се бакнува.

„Сафра.“ Мрмори во тишина,
живот – сафра,
ама не умира уште Ирина,
има уште многу да пее и многу да сонува,
ги има четириесет, ама ко стотка да носи на душата.

Знае дека кога сака може да полета,
вратата на кафезот е отворена,
бурмата одамна на прстот корозирана.

Ама молчи Ирина – молчи и потпевнува
да го доврши везот, па ќе избега,
да ја светне иглата, па ќе се спакува,
да се разбуди, па ќе сонува.

Часови и денови одат – од прозорот не мрдува,
смртта на животот во неа чука на вратата,
ама Ирина не отвара – тивко везот го привршува.

Децата се на сите страни четири,
на тој што се навикна одамна му слушна чекори,
тие што ја тераа да молчи – одамна се заминати.

Не ја држи ништо во таа темнина,
нема веќе за што да биде нема Ирина,
везот е последен во низата,
го качи на ѕидот и ја затвара однадвор зад неа вратата,
преминува од темно – конечно во светлина,
во нов живот и нова приказна.

Комшиите – птици во своите кафези
гракаат зајадливо на неа,
Ирина не им памти насмевки,
ама им се насмевнува дур ги остава,
им мавта на тие што крештат и на тие полузаспани,
се сеќава на зборовите што ги слушна на венчавката
пред дваесет години:
„Не мораш Ирина.
Не издржува Славеј со Гаврани.“

Ама тогаш мораше – така ја притиснаа – така ја убедија,
гласот ѝ го земаа, ама никогаш, ни малку не ја победија
таа внатрешна желба за живот и среќа
што растеше во неа ко дрво –
што гореше силно и цврсто – ко пламен на свеќа.

Се насмеа Ирина на гракотници силни,
на крајот на улицата го пушти гласот
и осамна тишина,
само гласот, гласот и песната на Ирина,
онемеа птиците отстрана – некои и се сокрија,
знаеја – сѐ би сториле ко Ирина одново да започнат,
а Ирина една не е туку,
сите што успеале пак да прозборат по години тишина,
сите жени што почнале одново – е сите тие се Ирина.

Напишете коментар