Skip to content

Нерамнотежа – Влада Урошевиќ

Се наведнува се наведнува нешто без престан
се наведнуваат ѕидови дрвја кули неба
напразно птиците мазниот ветар го гребат
се наведнуваат предели да ти се заврти свеста.

Нерамнотежа владее меѓу ѕвездите во вселената
паѓаат некои не можејќи да го издржат тој напор
се лизга Архимед отпуштајќи го од рацете стапот
се наведнуваат артистите се наведнува сцената.

Цврстите предмети се уште стабилноста ја чуваат
но достатно е навечер само очите да ги склопите:
и дигалките и нишалата и светилниците и телескопите
се наведнуваат се наведнуваат се наведнуваат.

Напишете коментар