Skip to content

За точката – Гане Тодоровски

Има ли смисла, навистина,
Уште да се пишува,
Кога е веќе толку и толку изнапишано?
Има ли смисла, луѓе мои,
Мислата да се цеди,
Кога е веќе сè доисцедено?
Зборот, комај ни се доизарчил,
Не велиме – пресушил,
Бидејќи животот
Познава препознатливост…
Кажуваме за точката!
Местото нејзино е
Таму кадешто завршува јаснотијата
На реченото.
Па ако нешто го преднасетува крајот
Редно е да се помисли
И на точката, т.е.
Да се изнајде право место за неа
И да се смести таа
Кај што ѝ прилега.
Точката засекогаш
Се врзува за некоја точност.

Напишете коментар