Skip to content

Водно – Блаже Конески

На една предесенска падинка, на Водно,
Со благо сонце и со мирисна скритост,
тројца лежевме на грб, загледани во небото,
Три одамнешни тела
Што ја загубиле својата витост.

Топлината на земјата беше милосрдна
И не беа против нас багремите што венат, —
И она благо синило, сѐ поспокојно кон висината
И сѐ подалечно натаму,
Го води погледот, и модри дамки го сенат.

И бевме веќе сосем во него, откинати
Од тежеста што по земи нѐ влечка, —
Следејќи в бескрај една виолетова нијанса
Што ветува сѐ да распреде
За усмевнатата, предоживеана, мудрост дечка.

Но нишката стануваше сѐ потенка и безболно се скина,
И ние бевме благо потурнати пред тајните двери,
Оставени на милозливоста на сонцето предесенско
Што разбира секого
И што со утеха цери.

Тогаш разменивме два-три обични збора
Што враќаат кон земјата и звучат без мака.
И бевме задоволни што можеме да го потупаме
Грбот на зрелата падинка
Со рака.

А кога заслеговме, сонцето беше на заод,
И сите прозорци на градот под нас имаа пројаснети зеници,
И, обнадежени, нашите чекори газеа леко по патчето,
И бевме сигурни дека носиме добрина долу —
Како некогаш кога бевме млади занесеници.

Напишете коментар