Skip to content

Музејот на Скршени Срца – А. Лефкоска

Напомена: Инспирирано од Музејот на Распаднатите Врски кој се наоѓа во Загреб – Хрватска

Музејот на Скршените Срца е интересно место. Полно со предмети донирани од луѓе со… па, скршени срца. Заостанати предмети на бивши, екс – пријатели и семејство кое веќе не фигурира како семејство. При самиот чекор во музејот едно е јасно; извира со меланхолија, тоне во очај и горко помирување. Ама, некако стои и како утеха дека сѐ што било и болело еден ден ќе помине.
Додека се шетав по ходниците, неколку предмети и неколку ливчиња ми го одвлекоа вниманието, едното од нив гласеше вака:

„И што остана на крај? Ништо. Полупразно шишенце парфем со мирис на цитрус, неизмиен финџал на кои се гледаа фигури од превртено кафе, здиплена долга кошула на столицата во спалната. До вратата, рамки што требаше да се тргнат, пребришат и скријат во некоја кутија за кондури. Писма напишани, па неиспратени.
И што да дадам јас тука од тоа, кога сѐ ми значело ко лузни на лицето? Не давам. Не давам ништо од кутијата за кондури, еве ви само бледи копии…”

Без разлика на врската, срцето се крши исто. Ист е звукот на пукањето на тие мали тетиви во коморите и преткоморите. Некој за празниците тагува по љубов, а некој по семејство кое никогаш, ама никогаш не успеало да биде дораснато.

„И што ќе остане на крај?” Прашуваше ливчето. „Ко гробишта ми е срцето, полно со живи мртовци што ме демнат секој ден, а најмногу за празници. Сега имам свое семејство, ама сликите избледени кај што двајца држат бебе кое никогаш и не го сакале, сѐ уште болат. Старото мече без едно око стои на полицата, спомените на високата елка закачени се највисоко, испреплеткани во сијаличките што сега светат во очите што веќе одамна пораснале, ама никогаш не заборавиле.

Што од тоа да се даде во Музејот на Скршените Срца? Може ли да се тргне тежината на предметот ако стои зад стакло, ако целиот свет го види и целиот свет рече дека не му значи ништо, кога на еден човек, еднаш, му значел сѐ? Може ли сила да се собере? Еве, можело. Сликите не, ама еве ви ги украсите што како дете, па дури и возрасна не смеев да ги допрам. Нека стојат и сведочат со отсјајите бледи дека во право бил Шекспир кога рекол: ‘Не е злато сѐ што свети.’ “

Музејот на Скршените Срца е врв на современата уметност. Да оставиш дел од себе и дел од она што повредило укажува на исклучителна храброст. Да го пуштиш она што болело и конечно да престанеш да се прашуваш: „Ко што јас чував, го чуваат ли и тие во некоја кутија за кондури тоа моето?”

Прочитајте и „За точката“ од Гане Тодоровски.

Напишете коментар