Skip to content

Против заборавот – Ефтим Клетников

Една птица во кафезот
го сонува бескрајот –
против заборавот.

Една риба во аквариумот
го изговара морето –
против заборавот.

Еден отсутен цвет
пупи во споменот –
против заборавот.

Една искра во каменот
го осветлува името на мртвите –
против заборавот.

Под мечот на џелатот
Јин и Јанг се бакнуваат –
против заборавот.

Еден човек пее
на бреговите на Лета –
против заборавот

и гласот на таа Песна се тркала
со ритамот на ѕвездите –
против заборавот.

Неискажливо (2008)

Напишете коментар