Skip to content

Што се крие зад твојата блескава империја?

Раскинати сме од канџите на империјализмот. Секој сака да изгради сопствена империја. Блескава. Да ги маѓепсува другите. Кристална империја што се крши секоја ноќ кога легнуваш на студената перница до партнерот што си го одбрал само за да додаде вредност на твојата империја. Од надвор гледаш гламур. Театар зад чии кулиси се кријат тажни моно драми. Глас во главата кој вреска. Сакаш да го запреш. Да не го слушаш. А некогаш посакуваш да имаш два животи. Едниот да го живееш како што сакаш. А другиот да го живееш за да ја истопоруваш твојата империја пред другите. Ама во двата животи да бидеш ти. Невозможно.

Работиш во убава канцеларија. На блескаво биро. Секој ден доаѓаш скоцкан од глава до пети. Гледаш во екранот од скапиот телефон. А единствена желба ти е да престане да ѕвони. Да исклучи. Да паднат мрежите и системите. Да запре брзиот проток на информации. Да не мора да следиш сè. Да не мора се така брзо да се менува. Да имаш мир. Мирно и без тензија да ги завршиш работните обврски и да се вратиш дома. А таму те чека уште една улога во која не уживаш толку многу.

Нашминканата жена со тело на грчка божица не ја познаваш веќе. Ќе ја сакаше дури и ако беше дебела. И ако разговаравте некогаш наместо немо да гледате во телевизорот. Вака не ја сакаш веќе. Не ја познаваш. А таа најверојатно има некој друг, кој подобро ја знае. Ко што имаш ти. Десетина години помлада девојка што одново и одново ти го раскажува The Big Bang Theory секогаш кога дома велиш дека си на деловен состанок. Ама таа барем разговара за нешто со тебе. Макар и за серија.

Во скутот ти трчаат мало момче и девојче. Се молиш да не бидат како тебе. Посакуваш да останат деца засекогаш. Само така ќе го прават она што го сакаат. Некогаш ги носиш во кино. Девојчето сигурно го сака Frozen бидејќи е девојче. А момчето најновиот филм за Spiderman. Момче е. Ги облекувате смешно. Некогаш сакаш да ги облечете нормално. Во тренерки со диносауруси и лисици. Ама ако не изгледаат како принц и принцеза не се толку совршени во очите на другите. Не се “Гордост наша” на социјалните мрежи. Божем облеката им ја зголемува вредноста.

Ги гледаш ретко. Меѓу часовите од училиште, по германски јазик, по балет, по тенис… А кога се дома, најчесто гледаат во екраните од таблетите. Не ги познаваш ниту нив. А толку сте совршени. Имате кариери. Прекрасна куќа. Прекрасен автомобил. Секоја година летувате на прекрасни места. Во зима се опуштате во спа центри. Секоја недела одите на неделен ручек во луксузни ресторани… Некогаш не знаеш што посакуваш повеќе. Дали пак да ја запознаеш својата сопруга. Или да избегаш некаде со десеттина години помладата девојка. Некаде кај што нема ништо. Кај што не мора да биде совршено. Кај што ќе биде проклето реално. Каде што ќе се расправате. Кај што што ќе се смеете. Кај што ќе водите љубов. Некаде кај што ќе битете свои и среќни. Некаде кај што ќе бидете реални. Со куп грешки и со куп убави дела зад себе…

Напишете коментар