Skip to content

Првиот збор

Огнот блештеше и го сјаеше снегот  и очињата на малиот Матеј. Беше возбуден зошто надвор сé беше бело. Ова беше првиот снег којшто допрел до неговите мали очиња. Беше тивко детенце кое иако летото кое доаѓаше ќе правеше три години сé уште не го проговорило првиот збор. Oсобено оној кој неговата мајка нетрпеливо го очекуваше да ѝ го каже „Мамо“.

Мајка му го држеше во рацете и заедно го гледаа снегот кој сјаеше со некоја необична светлина.

– Мама! Мама има…!!! – викна Матеј.

Мајка му затрепери од радост.

– Што има сине?

Матеј ги проговори своите први зборови. На Бадник. На денот кога се случуваат чуда. Оганот искреше во срцето на ова мало дете и светеше во неговите очи.

– Сакаше да каже оган, мамо има оган! – радосно воскликна мајка му.

Оганот беше чудо.  Ги протеруваше сите лоши мисли и лоши сеништа. Наговестуваше светлина. Наговестуваше зборови кои никогаш не биле кажани. Оние, кои се кажуваат само еднаш во животот.

Токму тоа и се случи таа Бадникова вечер. Се случи чудо. Малото детенце прозбори. Ја врати радоста и верба во срцата на неговите најмили.

Со посебна радост го чекаа секој Бадник и секој нов збор од Матеј беше за нив нов благослов.

Чудата се случуваат кога најмалку очекуваш, потребна е само мала верба за да се остварат.

Напишете коментар