Skip to content

Живот – Гордана Каракашевска

  • by

Острите заби се сериозна работа
и кога ни се тресат вилиците,
и кога со сета сила ги стискаме вилиците
и кога без вилици остануваме, зинуваме.

Голата вистина е озбилна работа
и кога е неправедно обвинета
и кога ситни ронки од неа се ронат
а токму мирот е единственото нешто
во моментот што го имаме.

Новата облека е толку озбилна работа
и дава погрешна слика
слика која е нема, не зборува
оти не е предавник, не издава а знае,
во тоа одело лежи скриен еден малечок,
перверзен лик.

Топлите солзи се толку сериозна работа
кога стоиме и ги голтаме
кога плачеме без глас или рикаме и
знаеме дека сме изгубиле

Крадењето, крадењето е озбилна работа
и кога крадеме срца
и кога крадеме а никој не не гледа,
имаме лепливи прсти и лакомо, итри очи, да.

Среќата луда е озбилна работа
Таа досега зела толку многу жртви,
Го вее нејзиното знаме,
целото човештво по неа маршира.

Тајните скриени се озбилна работа
Глумиме а несреќни сме, не зборуваме ништо
не ги кажуваме на никому нашите гревови
Освен во темните ноќи кога шепотиме во себе.

Зборовите, е – зборовите се најсериозната работа
Болат, сечат како сабја
Болат, печат како жар
Како камен се тешки,
тешки како непотребен, несакан дар.

А ти смрт, од сите работи во животот
ти си најсериозна
Во мир и тишина, некој со тага,
некој со радост
Тебе сите те чекаме.

“Утро во Пиемонте” 40х30 Масло на платно 2009 г. Гордана Каракашевска

Напишете коментар