Skip to content

Снег во февруари – Наталија Наумовска

Снег во февруари раширен по улиците, тротоарите, парковите уште рано изутрина. Убава глетка оддаваа прозорите, додека уште не беше разгазен од работниците кои одеа кон своите работни места. Белата покривка ги покриваше колите, а на дрвјата им даваше еден магичен изглед, небаре надвор гледам новогодишна честиитка од деведесеттите ама во зголемена резолуција. Кратко траеше ова воодушевување на зимските убавини бидејќи морав да го напуштам домот. Знаев дека кога ќе се вратам нема да е така магично.

Доволно долго со погледот ја впив оваа утринска магична зимска глетка ставајќи ја засекогаш во албумот со спомени. Но, не стигнав да ја фотографирам за да ја замрзнам зимската идила во албумот со фотографии. Сепак поважни ми беа спомените што ги правам кога не ми текнува да посегнам по телефонот. „На вашата е-пошта стигнаа 20 пораки“, ми го оттргнува вниманието телефонска нотификација. „Не сега, имам за пишување“, си помислувам.

„Поштенското сандаче достигна четирицифрен број за само една недела. Да стигнуваа сите мејлови преку пошта во форма на плик секој ден, навистина не знам каде ќе ги соберев сите пликови. Ќе ми требаше цела една соба наменета само за пошта. Среќа па стигнуваат електронски, како поефикасен начин на функционирање во ова модерно време“, си заклучувам додека стотици мејлови од денеска останаа неотворени.

Се враќам со мислите на снегот додека преку прозорот од другата соба се обидувам да ја проследам вечерната ситуација надвор. После 12 часа нема ни трага од зимската идила од изутрина. Сега колите се движат побрзо, а улиците се разгазени, прошарани со растопениот снег кој пак веќе во голема мера е претворен во вода. Темнината само додава еден мрачен тон на ионака неосветлената магистрала.

Зимската идила трае кратко во населените места, кратки се и моментите на воодушевување, но долго се помнат. Снегот не трае вечно, заедно со неговата зима. А со првите кокичиња пролетта ќе ѝ покаже на зимата што значи оживување и расцутување.

Напишете коментар