Skip to content

Откинати фиданки – Божана Тренческа

  • by

Звукот на товарните возила и силната врева на разбеснетите војници ја параа тишината на пролетното утро од што замре песната на птиците и сонцето потемне претчувствувајќи го злото. Луѓето поспани, несвесни што се случува скришно ѕиркаа зад затворените прозорци. По улиците се слушаше тропотот на чизмите на наоружаните до заби окупаторски војници кои одеа во обележаните куќи насилно отварајќи ги портите од чиј звук се параа срцата и на најхрабрите стравувајќи за животите на најмилите.

Дејвид набрзина стана, ја затресе Бејл шепотејќи ѝ: „Ајде мила разбуди се, некој тропа на портата“.Не помина ни миг двајца војници веќе беа на куќниот праг и без некое објаснување го турнаа Дејвид кон ѕидот. „Мојата Бејл почекајте само миг да наметне нешто мојата жена е бремена ќе настине“, покажувајќи кон жената молеше тој. Еден од војниците иронично смеејќи се замавна силно со кундакот кон Бејл која најпрвин се затетерави, а потоа падна на подот како износено алиште фрлено долу. Од носот ѝ бликна крв обојувајќи ги во црвено лицето и подот.

Дејвид проба да ѝ помогне. Војниците се погледнаа и со поглед се договорија да го удрат и него и со нескриена радост маваа по беспомошниот човек сè додека не изгуби свест. Кога се освести Дејвид беше во камион преполн со мажи, жени и деца збиени еден до друг и одвај дишеше. „Каде сум?“, праша. „Во камион“, му одговори еден постар господин кој веќе се беше помирил со судбината сега жалејќи ги младите на кои штотуку им започнал животот.

Жално, многу жално ги собраа како откинати фиданки од дрво паднати под налетот на секирата на несовесниот сечач зборуваше тој, а зошто што се виновни ништо си одговори самиот. Дејвид најпрвин со поглед ја бараше својата љубена, а потоа почна силно да вика: „Бејл Бејл каде си душо?“. Од многуте лелекања на жени и деца не можеше да се разбере што бара и кого го вика. Со одминувањето на времето се зголемуваше бројот на луѓе во камионот. Збиени одвај можеа да стојат, а за седнување не стануваше збор.

Дечињата беа сонливи, гладни, а сега и од лелекање беа омрцлавени некои и без свест во рацете на мајките оставени на милост и немилост на крвникот. Оние свесните одвај чујно молеа за вода, вода. Вода беа единствените барања ова утро на многуте невини евреи. Утрово беше крваво за многу еврејски фамилии кои засекогаш ги отргнаа од топлите огништа предходно одземајќи им го достоинството кое ги држеше исправени. Како со брзина на светлината се полнеа камионите, а потоа колоната тргна кон железничката станица каде ги туркаа за побрзо да излезат од камионите за да ги сместат во товарните вагони збиени како да се гускини пердуви кои треба ги собере во малку простор.

Се зачу свиреж на возот кој  тргна за нив во еден правец од Битола па во Скопје за потоа на последната нивна станица во логорот Треблинка. Првата нивна станица беше Скопје потоа во кругот на скопскиот Монопол ограден со бодликава жица и надгледуван од до заби наоружани стражари. Во мизерни нечовечки услови без храна и вода изгладнети жедни умираа многу деца, мажи и жени. Надвор беше убав пролетен ден, сонцето светеше силно, а не им беше топло на сите.

„Што ќе биде со нас“, тивко разговараа мажите плашејќи се да не го наметнат гневот на војниците врз недолжните луѓе. „Каде нè носат зошто ги зедоа лекарите и аптекарите што ќе биде со сите нас, ова не ми мириса на добро“, шепотеа меѓу себе. Младиот Исак беше лекар и бидејќи не сакаше да се оддели од фамилијата го стрелаа како пример што го чека секој што ќе им се спротистави.

Откако ги собраа евреите од Битола поминаа два дена кога баба Донка која беше комшивка со младите Дејвид и Бејл собра сили и појде во куќата да ја затвори влезната врата за да не дај Боже како што си мислеше таа некој да провали. И само што влезе во дворот извика: „Нее, ова не е можно“, гледајќи ја целата во крв и мртва убавата Бејл. Од силината на ударот со кундакот Бејл го изгубила бебето и оставена сама со тешка повреда почина. „Јадно дете што згреши за вака да заврши“, ништо си одговори во себе.

Вечерта под превезот на темнината баба Донка и нејзиниот маж Никола го зедоа мртвото тело на Бејл и ја закопаа назад во дворот покривајќи ја со дрва за да не боди очи. „Воено време е треба пазење од секого нели и левото око не му верува на десното“, со шепот зборуваше дедо Никола додека баба Донка нечујно плачеше. Во три етапи во месец март беа депортирани евреите во Треблинка. Повторно жедни, гладни во гасни комори згаснаа животите на многу луѓе обележани со бројки, а секој од нив имаше име и презиме и безброј желби и идеали. Сведок за нивното постоење и длабок поклон кон сите нив се испишаните имиња во Меморијалниот центар на Холокаусот.

Божана Тренческа

Напишете коментар