Skip to content

В постела: Ако умрам вечерва – А. Лефкоска

Ако умрам вечерва
и ти јават сред вечера,
ќе станеш ли од масата?
Ќе дојдеш ли за последен пат да ми ја погалиш косата?
Ќе ти потечат ли солзи солени?
Ќе паднеш ли болно и во очај на колена,
ако ти кажат дека душа сум испуштила?

Ќе дојдеш ли да се поздравиш за последен пат со мене
ко што никогаш не можеше,
или ќе си останеш мирно на јадење
и ќе ти е баш сеедно,
таму кај што си од мене далеку?

Кажи ми,
ако ти јават сред ноќ црна и в постела
дека крвта конечно ми запрела
и дека телото ми отежнало в тишина,
ако ти кажат дека името твое
ми било последна молитва,
ќе те заболи ли малку душата?
Ќе се фатиш ли в грч за глава?
Или ќе ти биде ли криво што воопшто ме запозна?

Ако вечерва, сред сон или вечера,
ти текне да се каеш или врескаш,
да пекаш за сѐ што било и не било,
ако вечерва, во тој студен дом,
сред вечера, во ноќта бела, да те барам чекаш
и ти јават дека веќе мене на светов ме нема,
ќе те заболи ли малку душата,
или па, во олеснување ќе ти затрепери цела?

Напишете коментар