Skip to content

Борис Пастернак, руски Нобеловец кој се откажал од наградата

Борис Леонидович Пастернак (10 февруари 1890, Москва – 30 мај 1960, Переделкино, Русија) – руски поет и прозаист од еврејско потекло, добитник на Нобеловата награда за литература во 1958 година за извонредните дострели во современата лирска поезија и на полето на големата руска епска традиција. Тој бил принуден да се откаже од наградата иако првобитно ја прифатил, а потоа станал жртва на политичката кампања во која романот „Доктор Живаго“ бил забранет во СССР.

Животoпис

Детството и младоста

Борис Пастернак е роден во Москва на 10 февруари 1890 година, во богато еврејско семејство, како син на сликарот Леонид Пастернак и на пијанистката Роза Кауфман. Татко му Леонид Пастернак бил постимпресионистички сликар и професор на Московското училиште за сликање, скулптура и архитектура, а неговата мајка Роза Кауфман, ќерка на индустријалец од Одеса, била концертна пијанистка. Пастернак имал помал брат, Алекс, и две сестри: Лидија и Жозефин. Семејството тврдело дека по таткова линија води потекло од Исак Абрабанел, познат Сефарди Евреин од Португалија, а познато е дека родителите на Пастернак се дружеле со Лав Толстој.

Таткото на Пастернак добил телеграма за смртта на Толстој во Астапово и веднаш заминал таму, заедно со Борис, каде направил и цртеж на Толстој на смртната постела. Чести посетители на домот на Пастернак биле и Сергеј Рахманинов, Александар Скрјабин, Лев Шестов, Рајнер Марија Рилке. На почетокот, Борис Пастернак сакал да биде музичар, и за кратко учел Московскиот конзерваториум, а во 1910 година заминал во Германија, каде студирал филозофија на Универзитет Марбург.

Љубовта кон Ида Висоцка

Борис Пастернак во 1910, слика на татко му Леонид Пастернак

Во Марбург, Пастернак се вљубил во Ида Висоцка, девојка од богато московско еврејско семејство, која ја подучувал за последната нејзина школска година. Тие се сретнале во Марбург, во текот на летото 1912 година, кога таткото на Борис, Леонид, го сликал нејзин портрет. Борис Пастернак ја запросил Ида, но на нејзиното семејство не му се допаднало тоа што бил сиромашен и немал перспектива, па ја убедиле да го одбие. За својата љубов кон неа и одбивањето, Пастернак ја напишал поемата „Марбург“ (1917).

Животот во Русија

Пастернак со Евгенија Луре и синот

За време на Првата светска војна, Пастернак работел во хемиска фабрика во Всеволодово-Вилве, блиску до Перм, каде најверојатно се здобил со материјал за неговиот подоцнежен роман Доктор Живаго. За разлика од неговото семејство и голем број негови пријатели, Пастернак не сакал да ја напушти Русија по Октомвриската револуција. Кон крајот на 1920-те години, се допишувал со Рилке и со Марина Цветаева.

Брак со Евгенија Луре

Во 1922 година, Борис Пастернак се оженил со Евгенија Луре, студентка на институтот за уметност, а наредната година се родил нивниот син, Евгениј. Во 1927 година, кога пријателите на Пастернак, Владимир Мајаковски и Николај Асеев јавно се залагале за целосно потчинување на уметноста за потребите на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, во едно писмо до сестра му Жозефин, Пастернак напишал дека ќе ги прекине контактите со нив. Во 1932 година, Борис Пастернак се вљубил во Зинаида Нојхаус, сопруга на рускиот пијанист Хајнрих Нојхаус. И двајцата се развеле од своите партнери, и две години подоцна се венчале.

Во април 1934 година, Осип Мандељштам му ја прочитал на Пастернак својата песна „Епиграм за Сталин“. Откако ја чул, Пастернак рекол: „Не сум го чул ова, ти не ми го прочита, затоа што, знаеш, многу чудни и страшни работи се случуваат сега: ги собираат луѓето. Се плашам дека ѕидовите имаат уши, или овие клупи на булеварот можеби можат да чујат. Затоа, јас ништо не чув.“

Ноќта, на 14 мај 1934 година, Мандељштам бил уапсен во неговиот дом. Откако дознал за ова, Пастернак отишол во канцелариите на Известија и го молел Николај Бухарин да интервенира за Мандељштам. Набргу по средбата со Бухарин, во станот на Пастернак заѕвонил телефонот и гласот од другата страна рекол: „Другарот Сталин сака да зборува со тебе.“ Сталин го прашал: „Кажи ми што се зборува во литературните кругови за апсењето на Мандељштам?“

Пастернак негирал дека постои каква било дискусија за тоа и додал дека веќе не постои литературен круг во Советска Русија. Потоа, Сталин го прашал што мисли лично за Мандељштам, а Пастернак одговорил дека тој и Мандељштам имаат сосема различна филозофија за поезијата. На крајот, Сталин рекол: „Гледам дека не си способен да се заземеш за другар.“

Втората светска војна

Кога авионите на Луфтвафе започнале да ја бомбардираат Москва, Пастернак се пријавил да служи како пожарникар. Во 1943 година добил дозвола да ги посети војниците на фронтот, каде им читал поезија и разговарал со повредените војници. На крајот од војната, во 1945 година, заедно со соработниците на нацистите во советските концентрациони логори биле затворени и многу други: емигрантите кои се вратиле поради ветената амнестија, Евреи од антифашистичкиот комитет, припадници на други организации, како и илјадници припадници на другите етнички групи, биле однесени на Сибир. За ова искуство, Пастернак подоцна изјавил: „Да знаевме каков хорор нè чека по војната, немаше да жалиме ако паднеше Сталин, заедно со Хитлер.“

Олга Ивинска

Во октомври 1946 година, Пастернак се вљубил во Олга Ивинска, 34-годишна самохрана мајка, вработена во весникот Нови мир. Иако не ја напуштил втората сопруга, Пастернак живеел во оваа вонбрачна врска до крајот на својот живот. Сопругата на Пастернак била многу лута поради неверството на Борис и еден ден заминала да ја најде Олга, која во моментот била многу болна и била на пат за болница. По враќањето на Огла од болницата, Борис ја посетил Олга и ја продолжил својата врска со неа како ништо да не се случило. Вечерта, на 6 октомври 1949 година, Ивинска била уапсена од КГБ и била однесена во затворот Лубјанка. Ивинска била испрашувана за Пастернак и, иако ништо не признала, сепак била затворена десет години. Во тој период, Пастернак интензивно работел на вториот дел од романот „Доктор Живаго“.

Смртта

Борис Пастернак починал на 30 мај 1960 година, во својата куќа во Переделкино. Во Литературна Газета се појавил мал напис за неговата смрт, а рачно напишани ливчиња со датата и местото на неговиот закоп биле делени во московската подземна железница. На тој начин, илјадници почитувачи на неговото дело дошле на закопот во Переделкино. Пред насобраните луѓе, некој со длабок глас ја рецитирал забранетата поема на Пастернак, „Хамлет“. Во ковчегот биле ставени напишани молитви, ѕвоната од црквата заѕвониле, и на крајот, ковчегот бил спуштен во гробот. Потоа, гробот на Пастернак станал еден вид храм за членовите на советското дисидентско движење.

По неговата смрт

По смрртта на Пастернак, Олга Ивинска била по вторпат уапсена заедно со нејзината ќерка, обвинета дека била врската на Борис Пастернак со странските издавачи на „Доктор Живаго“. Сите писма на Пастернак до Ивинска, како и многу други ракописи и документи, биле запленети од КГБ. По една година, во 1962 година, била ослободена ќерката на Олга, а во 1964 година била ослободена и Олга. Во 1978 година, нејзините мемоари биле тајно изнесени во странство и печатени како книга во Париз, а истата година излегол од печат и англискиот превод на мемоарите под наслов: Заробени во времето: Моите години со Пастернак.

Во декември 1989 година, Евгениј Борисович Пастернак, синот на Борис Пастернак, отпатувал во Стокхолм за да го земе Нобеловиот медал на татко му. Во 2009 година, излегла од печат книгата на Иван Толстој во која тврдел дека британската и американската разузнавачка служба биле вклучени во тоа на Борис Пастернак да му се додели Нобеловата награда. Кога Евгениј Пастернак бил прашан за ова, тој одговорил дека татко му потполно бил несвесен за активностите на разузнавачките служби.

Песна „Нобеловата награда“ од 1959 година

Евгениј, исто така, изјавил дека Нобеловата награда за татко му значела само тешка тага и малтретирање во Советскиот Сојуз. Самиот Борис Пастернак, во песната „Нобеловата награда“ од 1959 година, вели: „Пропаднав, како ѕверот што го гонат… Зад мене е шумот на онаа хајка / А за мене никаде нема премин… Патот е пресечен насекаде / Сеедно ми е сега мене… Јас го натерав светот да плаче / Над убавината на земјата моја… Но и така, близу до гробот / Јас верувам дека ќе има / Едно време кога злобата / Духот на добрината ќе ја победи.“

Прочитајте Предлог книга – Доктор Живаго од Борис Пастернак.

Напишете коментар