Skip to content

„Во светот на децата“ е најновата книга на Ирена Блажеска Дончева која вели: „Светот на децата е бел лист кој изобилува со чистота и чесност“

  • by

Ирена Блажеска Дончева, e македонска авторка која досега ги има напишано двете прозни збирки „Странци со спомени”, „Тивка далечина” и книгата „Недореченост“ склоп на поезија и проза. Официјално таа ја издаде четврата книга овојпат наменета за најмладата публика. „Во светот на децата“ ја здогледа светлината на денот, а по тој повод поразговаравме со Ирена. Прочитајте го разговорот во продолжние.

„Во светот на децата“ конечно излезе од печат, веруваме на твоја најголема радост, но и радост на дечињата кои ќе имаат можност да ја читаат книгата. Ајде сосема од почеток, кога настана идејата да напишеш книга за деца и како се одвиваше целокупното финализирање?

– Мојата професија ме однесе по патот на детската поезија. Јас како наставник по одделенска настава осетив потреба од една таква тематика, која ќе ги воодушеви најмалите, но ќе помогне и на наставниците. Целокупното финализирање се состоеше од уредување, па рецензија од Елена Христоска, лекторирање од Христијан Аџиоски и спонзорство од Свети Никола Хотел Бутик. Голема благодарност до нив, и до вас за несебичната поддршка.

Збирката содржи 38 песнички за деца со поучна тематика, а можеби наинтересно е што до нив на страниците се вметнати и црно-бели цртежи кои децата сами можат да ги бојат како што ќе ги читаат песните. Кажи ни нешто плус за содржината, зошто е корисно децата да ја имаат оваа книга?

– Децата кои ќе ја имаат книгата ќе можат да уживаат во песнички, како и во сликички за боење. Ќе уживаат во песнички за годишните времиња, празници… Сè што учат во училиште.

Што треба да поседува еден автор за да може да твори за најмалите или во името на најмалите?

– Еден автор треба да содржи детски дух, да знае што чувствуваат децата, што сакаат и во што уживаат.

Се враќаме повторно на стихозбирката, како можат читателите да стигнат до неа?

– Читателите можат да стигнат преку мојот профил Ирена Блажеска, како и преку Девојката со челично срце.

Каков е светот на децата низ призмата на возрасниот човек?

– Светот на децата е бел лист, кој изобилува со чистота и чесност, кој треба да се напише тивко и нежно.

Дали денешниот детски свет се разликува од оној свет во кој ние повозрасните израснавме? Во што се состојат сличностите, а во што разликите?

– Овој свет, денешниот начин на живот е многу различен од порано, од времето кога растев јас. Денес децата растат со технологијата, а ние растевме со улицата, со другарчињата. Мило ми е што сум растела во тоа време, време на вредности.

Кому е посветена книгата „Во светот на децата?“

– Книгата е посветена на сите деца, посебно на моите ученици, кои ми покажаа што значи детската љубов и внимание.

Кој беше најголемиот предизвик при создавање на збирката?

– Предизвикот беше да се остави нешто вредно, нешто во кое ќе уживаат сите, нешто големо и моќно но овојпат за најмалите, за најчистите души кои чекорат во овој свет.

Твојата порака до дечињата што ќе ја прочитаат книгата и ќе бојат во неа?

– На дечињата кои ќе стигнат до книгата, им посакувам да уживаат, да научат нешто од неа и да споделат со сите кои немаат шанса да бидат креативни.

Порака до читателите на Крајбрежје?

– Уживајте во секој ден, бидете упорни, зашто упорноста се исплаќа.

Напишете коментар