Skip to content

Миле Ѓорѓијоски – 23 палави афоризмичиња

Повторно споделуваме афоризми овојпат „палави афоризмичиња“, наменети за најмалите, како што кажува самиот наслов. Автор е македонскиот афористичар Миле Ѓорѓијоски. Прочитајте ги, загарантирана е насмевката.

1. Ајнштајн сигурно немал прва љубов. За него сѐ било релативно, па и првата љубов.

2. Баба сака да станам сликар. За разлика од мама таа ми дозволувам да цртам по ѕидовите, вратите, комодата…

3. Го изгубив свидителството. Го молам чесниот наоѓач да не им го дава на мама и тато.

4. Еден ден кога Јана ќе почне да ги чита моите мисли, јас ќе бидам нејзината омилена лектира!

5. Дедо верува дека земјата се врти, ама после втората чашка ракија.

6. Бети е многу себична. Не сака да подели со мене ниту една од своите петки.

7. За време на викендите бато не добива единици. Ама сè што е убаво кратко трае.

8. Дедо е виновен што го лажам дека добивам петки. Само тогаш ме носи во слаткарница!

9. Вики е несреќно заљубена. Јас сум заљубен во неа, а таа во училиштето!

10. Мама е на добар пат да му ги поправи сите единици на тато. Почна да ми ги пишува домашните.

11. Ако сакате децата почесто да ги отвараат училишните ранци, ставајте повеќе кроасани во нив.

12. Баба се лути што ѝ ги навадив цвеќињата со топла, а ми се кара кога пијам ладна вода.

13. Во последно време писмените работи не ми одат од рака. Учителката постојано ме фаќа кога препишувам од Маре.

14. Заедно со децата во градинка треба да одат и нивните родители. Таму ќе научат како да си играат со нив.

15. Кога бато има многу за домашно, јас се нервирам повеќе од него. Нема со кого да си играм.

16. Ако сакате да ве разберат децата, дозволете му да зборува на детето во вас.

17. Баба и дедо од денес не се мои домашни миленичиња. Не сакаа да ми ја напишаат домашната задача по математика.

18. За сè се криви тато и мама! Да не ме запишеа на училиште немаше да го повторувам одделението.

19. Не е точно дека молчењето е злато. Секогаш кога молчам на прашањата од учителката – добивам единици.

20. Бато е најбрз ученик во училиштето. Ама само кога бега од часови.

21. Вујче не верува во Дарвиновата теорија! Да веруваше немаше по вујна да вика „Пиле мое, „Маче мое“…

22. Кријам од мама и тато дека дедо си игра со моите играчки. Ќе го запишат и него во градинка.

23. Бато е слаб пливач. Никако да исплива од второ одделение.

Прочитајте ги и следниве афоризми од Илија-Илиев Струмјан.

Напишете коментар