Skip to content

Мари Анри Бејл – француски писател опседнат со љубовта

Мари Анри Бејл (роден на 23 јануари 1783 во Гренобл – починал на 23 март 1842 во Париз) е француски писател, основоположник на големата епоха на францускиот реализам. Познат по псевдонимот Стендал, тој се здобил со големо животно искуство како офицер, чиновник, дипломат и писател за време на реставрацијата во Франција. Негово најпознато дело е романот „Црвено и црно“, во кое дава хроника и критика на француското општество за време на реставрацијата. Други негови познати дела се: „Пармскиот картузијански манастир“, „Животот на Хајдн“, „Историјата на сликарството на Италија“, „Рим“ и „Арманса“.

Животопис

Стендал е роден на 23 јануари 1783 година во Гренобл, Франција. Детството го поминал во несреќа. Го мразел својот татко и жалел по својата мајка која починала додека тој бил мал. Единствениот човек кој му дал искра надеж била неговата помала сестра Полин. Времето во кое живел, имало големо влијание врз него, имено Првото Француско Царство на чело со Наполеон Бонапарт. Тој патувал многу, претежно низ Германија бидејќи бил дел од царската армија. Учествувал и во инвазијата на Русија во 1812 година, но најмногу се приврзал кон Италија, каде поминал голем дел од својата кариера како конзул во Трст и Чивитавекија. Неговиот роман „Пармскиот манастир“ бил издаден најпрвин во Италија, бидејќи авторот сметал дека Италија е многу посоодветна и страсна држава отколку преродбата во Франција.

Страст кон жените што преминала во опсесија

Кога се вратил во Франција, писателот бил обземен од страста кон жените, која прераснала во опсесија. Така добивал инспирација за пишување на бројни уметнички дела и дури една анализа на тоа што е љубов, насловена како „За љубовта“. Овие негови размислувања и други списи биле причина тој да биде класифициран како романтичарски реалист, поради романтиката која ја внесувал во нив. Покрај тоа Стендал бил голем љубител на музиката, особено на композитори како Доменико Чимароза, Волфганг Амадеус Моцарт и Џоакино Росини. За Росини дури напишал целосна биографија (1824), која е добро прифатена не поради историската точност, туку поради анализите на самата музика.

Стендал не бил омилен како човек и често се прашувал, како воопшто некој може да го сака покрај неговиот лош карактер. Исто така, тој бил грд, имал голем стомак и кратки нозе, а имал и голем страв од староста. Еден ден, во Рим, додека од скалите на Св. Петар ин Монторио го гледал залезот на сонцето, наеднаш се сетил дека навлегол во педесеттата година и тогаш почувствувал болка како да го погодила некоја голема несреќа. Стендал починал во 1842 година во Париз на 59 години.

Творештво

Најдобрите дела на Стендал се: „Арманса“, „Црвено и црно“, „Лусиен Левен“. Неговите современици сепак не ги ценеле делата на Стендал, кои биле напишани во епохата на романтизмот. Тој бил прогласен дури во XX век. А самиот Стендал ја оставал пораката „На малкуте среќници“ на многу од неговите дела, свртувајќи се кон оние кои во иднина ќе ја препознаат неговата генијалност. Во денешно време неговите дела предизвикуваат интерес поради тенката иронија, психолошката длабочина при отсликувањето на односите меѓу ликовите и историските сведоштва, испреплетени во една совршена целина. Стендал е автор и на повеќе книги поврзани со уметноста на Италија – монографијата „Историјата на сликарството на Италија“, патописите „Рим, Неапол, Фиренца“ и „Прошетка во Рим“. Неговите хумористични мемоари насловени како „Спомени на еготисот“ биле објавени посмртно во 1892 година. Тогаш била издадена и автобиографската книга „Животот на Анри Брулар“.

Значење и влијание

Гете имал поволно влијание за Стендал, оценувајќи го како писател „кој умее да набљудува и да има длабок психолошки поглед“. Германскиот филозоф Фридрих Ниче го истакнува Стендал како еден од омилените писатели, нарекувајќи го „еден од најубавите случаи на мојот живот“, кој е „потполно непроценлив со своето психолошко око, со своето погаѓање на фактите“ и „како чесен атеист“. Притоа, Ниче вели дека, можеби, му завидува на Стендал, затоа што ја напишал најубавата атеистичка досетка која би можел да ја напише тој самиот.

Прочитајте и дознајте Што рекол Стендал за љубовта?