Skip to content

9 причини поради кои вреди да го читате нашиот блог

Причини поради кои вреди да го читате нашиот блог има повеќе, но по повод годишнината ние ги споделуваме следниве 9. Пред тоа, сакам да им се заблагодарам на сите наши читатели (редовни и идни) што нè посетуваат секојдневно во толкав број. Посебна благодарност и до сите автори што оствариле соработка со нас. Во продолжение следуваат причините во кои потврдуваме дека читањето блогови (не само овој) е корисно.

1. Се создаваат нови гледишта и отвораат нови перспективи

Без оглед дали ќе прочитате некоја мисла, цитат, рецензија, статија, факт, поезија или друго во секој напис може да се најде нешто кое ги проширува хоризонтите. Покрај тоа, добивате некоја друга димензија на гледање на работите и појавите околу вас.

2. Станувате поемпатични и поуспешно ги препознавате туѓите емоции

Читајќи поезија, проза или друг текст вие имате поголем увид во внатрешниот свет или мисли на авторот, па така полесно ги препознавате емоциите. Патем, не само што станувате поемпатични туку и полесно ќе ги изразувате своите емоции ако не во усмена, тогаш во писмена форма.

3. Во тек сте со одредени културни настани што се одбрани за приказ

Живееме во време кога постојат огромен број достапни информации, но и постојано се случуваат културни настани. На нашиот блог повремено споделуваме културни настани коишто сметаме дека се важни да се споделат со нашите читатели.

4. Читате рецензии и препораки за книги, филмови и серии

Во рубриката „Литературен осврт“ имаме голем број осврти што сме ги пишувале низ годините иако мора да признаеме дека на оваа категорија треба повеќе да се посветиме во иднина. Рецензиите нудат “ѕиркање“ во содржината на книгата без да биде откриена целата содржина. А вам тоа ви е доволно да одлучите дали би сакале одредено дело да биде прочитано. Во иднина ќе се надополнуваат категориите за Филм, Серија и сличните.

5. Имате можност да слушате поезија покрај нејзиното прочитување

На нашите јутјуб канали објавуваме прочитана поезија, а истата ја споделуваме директно и на блогот. Каналот „Слушај поезија (и други приказни) е еден од првите канали посветен на поезијата во нашата земја.

6. Ние овозможуваме да се слушне Вашиот глас

Крајбрежје е првиот блог којшто им дозволи на сите љубители на пишаниот збор да ги испратат нивните текстови и други дела, а голем број од истите се објавени и можат да се прочитаат во категоријата „Вашиот глас“.

7. Ве инспирираме, мотивираме и поддржуваме

Нема да бидеме скромни и ќе кажеме дека блогот бил инспирација за создавање на многу други блогови со слична “мисија“ како нашата. Нам ни е многу драго што служиме како инспирација и добар пример. Покрај тоа, ги инспирираме љубителите на книжевноста и културата да ги продлабочат нивните сознанија на најразлични теми. Истото важи и за поддршката и мотивацијата како и во личното творештво.

8. Ве известуваме за тековни конкурси, а организиравме и сопствени

Се трудиме да ги споделиме сите конкурси што сметаме дека се релевантни за нашите читатели. Досега имаме спроведено три литературни конкурси (два во 2019-та и еден во 2020-та година). Од последниот конкурс произлезе и е-збирката антологиска „Корона во време на Новогодишни празници“.

9. Ви нудиме корисни совети, споделуваме важни линкови и разговараме со најразлични профили на луѓе

Во оваа точка се обидов да вметнам повеќе категории во една. Психолошкото катче нуди корисни (па и практични совети) кои помогнале на многумина. Линковите ги има насекаде во блог написите, како и на официјалната Фејсбук страница и Инстаграм профил. Во рубриката „Интервју со“ разговараме со автори, уметници, актери, музичари поставувајќи им прашања на кои ни даваат одговори. Исто така, промовираме и млади таленти кои сметаме дека заслужуваат наше внимание.

Дали овие 9 причини се сосема доволни за да продолжите да го читате нашиот блог? Ако постои некоја друга причина поради која нè читате, слободно пишете ни ја во коментар. Или пак одговорете на прашањето: „Зошто вие сакате да го читате Крајбрежје?“.

Напишете коментар