Skip to content

Што е росата – Видое Подгорец

Што е росата, што е –
наутро што трепери таму
зад бавчите, зад оградите
знаеш ли, дете мое?

Можеби тоа се мониста растурени
од ѓерданот на месечината
сношти што си го скинила
шетајќи низ ливадите!

Можеби светулките своите фенерчиња
заборавиле да си ги згаснат
или пак тоа се нови цвеќиња
утрово првпат што раснат!

Можеби тоа се малечки солзи
на птиците што останале без гнезда
или се очи во кои уште трепка
светлината на некоја падната ѕвезда.

Напишете коментар