Skip to content

На пауза со моите монолози: Облекувам јуначка наметка кога не е маскенбал

Ова не е драма туку пауза и време за мојот монолог, ти го читаш блогот Крајбрежје и во моментов се дружиш со моите мисли. Тие се 90% чисти, а кога не се, тогаш се прекорувачки и самокритички, понекогаш валкани. Некогаш се точни, а знаат да бидат и грешни, во својата копнежлива природа помалку смотани. Токму кога мислам дека се моќни ми доаѓа внатрешна сила, а кога сакам да одморам, знаат да бидат и смешни. Уште не сум заборавила да си правам шеги на сопствена сметка. По потреба си облекувам една јуначка наметка, иако не е априлили.

Таа наметка не е физички видлива ами внатрешно, ментално е возбудлива, ме полни со нови сили. Појака е од метален оклоп, а кога во душава се случува потоп ме штити од давење во поплава. Кога е време за прослава на секоја мала победа во денот, тоа заштитува од секаква злобна беда. Кој вели дека не може да се биде сам свој херој? Реторско прашање во чија спротивност сум убедена, оти својот херој во мојот живот сум јас. Сум била победена, а и сум победувала, сум имала сомнежи безброј, секој што ќе рече немал, ќе излаже.

И ако каже дека е во право не му верувај, со своите крилја полетај, не ти требаат такви луѓе во твојот живот, кој ни “браво“ не вели искрено. Можеби досега не забележа дека ја обожавам римата, но на моменти ужасно многу ја мразам зимата. Не сакам да звучам неискрено, затоа ќе си кажам дека, било да трчам или лазам, го следам својот чекор. Не дека не примам никаков прекор, поважно ми е да ја разберам целта зошто ми бил кажан. Добродетелта останува засекогаш како пријатно искуство. Оној што прима добродетел, го има или го гледа кај друг е благословен.

Мојот мисловен тек, животен сопатник, отсекогаш со мене, да не речам, од памтивек. Уште кога бев осуммесечен патник со автобус за на летен одмор, сигурно бил тука, штета што не можам да се сетам кои мисли тогаш ми се движеле во тогаш малото главче. А шареното лигавче околу врат било потсетник дека за брзо ќе почнам да се дружам и со зборовите. Чекорите почнати околу едногодошино постоење, зборот ми дошол многу набрзо, уште пред втората година сум почнала да зборувам, и еве уште од тоа не се уморувам. Кога не зборувам – пишувам. Кога пишувам, со зборот се дружам.

Кога молчам, тишината ми е пријатна. Мислата апстрактна најверен придружник, а кога мислата одмара, музиката ги пушта крилата и прелетува низ ушите како мелем на рана. Адаптирана на себеси и околината, сфаќам дека кучињата ми се помили од многу луѓе. Тие без збор кажуваат повеќе, животот покрај нив уште повеќе да ти се размили. Ние луѓето знаеме отповеќе да кажеме, а честопати непотребно. Светот е место толку волшебно, а ние го правиме тежок убивајќи, лажејќи и пцуејќи се меѓусебно.

Не ни треба голем повод за војна, секојдневно умираат стотици без капка крв. Со маска или без, маскенбал е секој ден што го прават оние што ти кажуваат едно влице, а кога ќе си заминеш веќе друго кажале, додека трето мислат, па запомнуваат што излажале. Не ти требаат такви наоколу, таквите пробуваат да те повлечат надолу. Крени ја главата и верувај во себе, љубов кон тебе насочи си, биди упорен и издржлив за блескавта иднина да ти е загарантирана. Доточи си среќа во денот, искачи го гребенот највисок. Вакви мисли си кажувам себеси, оти јунак сам себе со негативни мисли не бидуваш колку и да се обидуваш.

Наталија Наумовска

Напишете коментар