Skip to content

Второ писмо – Петре М. Андреевски

(Од циклусот Пет љубовни писма)

Паметувам:
тебе ти прилегаше сè, како и на силот и смилот
што ме потчинуваа однадвор, а ме храбреа однатре.
Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток,
ти беше сè што му недостасуваше на светот,
ти беше и моето незавршено минато
и затоа јас те чував и прашував за тебе.

Молњата што минува низ тебе во мене се одразува
и јас живеам затоа што знам дека и ти живееш.
Јас сум твој роб за да ја прославам слободата
и тие летни жеги околу твојот појас
и тие ладни меани во твоите пазуви
и тие кавги на ветровите пред твоите поли
и моето време што беше во твоето.

Паметувам:
што читаше дури читаше и што – кога не читаше,
како легнуваше навечер, како се проѕеваше наутро
и како денот го продолжуваше со својата насмевка,
возбудлива ко квечерина во отворена калинка.
Во тебе беа границите на Целокупна Македонија
и јас дури те љубев, ја љубев сета татковина.

Ти стигнуваше пред твоето тело, пред твојот глас
во кого ме допираа недопрени води.
Ти беше мојот Тримир и мојот Светилеб
и моето прогонство беше за да бидат целосни
твојата волја, а мојата неволја.
На дното од морињата, на врвот од копната
ти секаде прва: и пред зракот и сред мракот.

Напишете коментар