Skip to content

Сиот обземен од неа – Шарл Бодлер

Во чест на големиот поет Шарл Бодлер, споделуваме еден од неговите сонети, од циклусот на Жана Дивал. Прв пат објавен на 20 јануари 1859 година. Песната е инспирирана од фантастичниот роман на Жак Казот (1729 – 1792) “Вљубениот ѓавол”. Главната личност од романот, Алвар, се впушта во изучување на кабалата и со помошта на магичните формули, ја предизвикува појавата на ѓаволот во вид на глава од камила, која потоа се престорува во прекрасната Бјондета. Алвар се вљубува во неа. Убавицата го тера да ја изговори формулата “Велзевулу, јас те обожавам страсно!” Откако Алваро ќе го изговори тоа, пред него пак ќе се појави, наместо Бојондета, грозната глава на камилата. Стих 14 – Велзевулу, според Новиот завет, е заповедник на демоните, синоним за ѓаволот.

Сиот обземен од неа

Сонцето е под превез. Луно на мојот живот,
cтави наметка од сенка и ти исто така:
нема, темна, спиј и пуши, прави сè што сакаш
и втони во бездната на Чмреењето сиво

Јас и така те сакам! Но, посакаш ли само
како ѕвезда што пново по долг мрак се жари –
појди дури и таму кај што лудилото цари!
Од ножници свои ликни, о чудесно камо!

Запали ја зеницата со блесокот и оган!
Запали ги погледите на џганот груб, поган!
Сета си ми уживање болно или сластно;

биди и ноќ темна, биди и црвена зора;
секоја моја жилицка и секоја пора
вика: “ Велзевулу , јас те обожавам страсно!

Напишете коментар