Skip to content

Летни соѕвездија – Влада Урошевиќ

Бетелгез — ѕвезден археоптерикс, ѕвезда-фосил
што меѓу рогатите животни паниката ја шири.
Удавеникот на кој небесното море главата му ја носи
и ја тркала по песокот среде темниот прилив.

Антарес — отровна ѕвезда, осило зад тилот,
вжештена смрт што дреме во скорпииниот опаш.
Крилат еднорог што со бодливото крило
по решетките на небесниот кафез тропа.

Денебала — црн пришт врз машкоста на лавот,
жива рана во која лута сол се гнезди.
Ѕвезди што дење се животни среде калта и правот,
животни што навечер се претвораат во ѕвезди.

Напишете коментар