Skip to content

Пред паметникот на Делчев – Гане Тодоровски

Вечерва со тебе да зборувам мислев
и еве ме, дојдов во доцниов час,
сив октомври рони пожолтено лисје,
октомвриски ветер ме милува ете,
октомвриска радост преполнила гради
ечи в мојот глас.

Јас пред тебе стојам, пред образот ладен
што вечерва жив е а не занемен.
Почнува низ градот ноќта да се краде
ветерот се плетка низ свиткани ветки
и тука по патот распостила злато
ветрот немирен.

Вечерва е вечер на спомени пресни
што в секое срце искрат копнеж врел,
вечерва е вечер за најмили песни
што низ гради волни, со радост се полнат;
нив в машкост ги плиска минатото блиско
на народот смел.

А јас – јас ти праќам жив поглед и сакам
да ти кажам нешто, само некој збор,
и ти одобруваш со твојата рака,
велиш: момче кажуј за смелите мажи,
за октомври славен, за октомври светол
за Илинден втор.

Почнувам. Ти слушаш, ти мене ме гледаш
со погледот чуден, радостен и тих
ти слушаш глас еден од многуте чеда
што достојно, смело патот твој го следат
што в градба ја градат гранитната зграда
на животот мил.

Октомври е денес во нашата страна
да, еве го кај нас, го сеќаваш ли?
Во октомври, Гоце, роднината стана
и внуците твои нарипаа в бојот
со твоето знаме разгореа пламен
во октомври сив.

Октомври се шета вечерва низ градот
во срцата наши празничен е тој,
октомври ни носи насетена радост
а животот убав преполнет со љубов,
израснува светол и кипи и цвета
в трудовиот бој.

Ноќта тихо шепти по лисјето меко
во градот се спушта кроце доцен час,
„видение добро” на Гоце му реков
октомвриска вечер ме гушна ко дете
октомвриски расказ в октомвриска вечер
привршував јас.

(Октомври 1947)

Напишете коментар