Skip to content

Девојчето што се расплака пред да ти рече ,,Те сакам”

Имав одамна еден, што го сакав толку многу, па почнав песни да му пишувам. Низ книгите од факултет, во срце му го заокружував името. Другарките ми се умираа од смеење. И точно се сеќавам на едни стихови што му ги испратив: „Јас сум пеперутка, а ти си пеперут. Така се бакнуваат пеперутките, смотко, ти текнува?“

После тоа не пропуштаа прилика, а да не ме подбуцнат. До ден денеска се смееме ко ќе ни текни на пеперутот. Е тој, пеперутот, вечерта ко ме откачуваше ми кажа дека ме остава оти мисли дека ако сум среќно заљубена ќе престанам да пишувам. И згреши. Фала му на Бога, згреши. После таа вечер, јас со години ништо не напишав. Со умов си велев, така само ги одбиваш луѓето, мислат дека си бааѓи забегана. Ништо не напишав седум години, дури не ми дотежна на душава, па и се истурив на хартијата. Единствено хартијата трпи сè.

Сред моите најголеми бури и олуи ти ми се појави. Знам оти често знаеш да речеш дека чудни се патиштата Господови, а јас те дополнувам велејќи дека се единствените вистински. Ти не се заљуби во мене, ами се заљуби во стиховите мои. Ми даде елан. Ветер донесе во едрата мои за да можам да се извлечам од бурата и олуите. Секој ден ти везев стихови. Секој ден песни ти пишував. Ама љубовта моја за тебе е најубавата песна.

Дента, кога сакав да те откачам, седев точно спроти тебе. „Не можам вака да продолжам. Сакам да престаниме оти многу се плашам.“, ти велев. „Аман бре, од шо се плашиш?“ Е тогаш некоја кнедла ми заглави во грлово. Сакав да зборувам, ама се плашев и од тоа што ќе го кажам. Очиве ми се наполнија со солзи. Знам дека се фатив за глава и шепотев „Не можам. Не можам.“ „Не плачи. Вака и мене тешко ќе ми биди.“ „Ама нема тебе од шо да ти биди тешко. Јас плачам од убо. Од убо шо ми е плачам.“ „Ако ти е убо, од шо се плашиш тогаш?“

Е тогаш неколку солзи ми протекоа по образите. Се расплакав, а ти ме гледаше како да сум најчудната жена на светов. „Многу те сакам…“, ти реков потоа. Јас плачев од убаво. Од убаво плачев. Плачев за да го полеам семето што ми го засади во душава. Плачев за да не ми овенат зумбулите и јоргованите што ми расцутија од тебе. Јас навистина плачев од убаво. Плачев од што ми беше убаво со тебе…

Напишете коментар