Skip to content

Мај – месец посветен за подигање на свеста за менталното здравје кај луѓето

Мај е месец посветен за подигање на свеста за менталното здравје кај луѓето. Секоја година во овој месец во земјава се случуваат низа активности во насока на подигање на свеста за менталното здравје. Годинава се оддржуваат неколку работилници на кои може да учествуваат младите за да им се приближат темите поврзани со менталното здравје. Во последните десетици години во светски рамки бројот на лица кои страдаат од нарушувања поврзани со менталното здравје е зголемен. Ваквата појава не е изненадувачка со оглед на сè поголемото присуство на стрес во животите на луѓето. Загрижувачка е стапката на суицид по број на жители во цел свет.

Брзиот начин на живот, глобализацијата, технолошкиот-развој заедно со зголемените обврски на луѓето, а сè помалку слободно време и одмор си го зема својот данок. Данокот е нарушено ментално, но и физичко здравје. Болестите на денешницата се само еден показател дека треба да успориме барем малку. Одморот од напорниот ден не смееме да го потцениме, а тој се вбројува во грижа за менталното здравје. Не е доволно само да се зборува за подигање на свеста за менталното здравје без преземање конкретни чекори. Секој од нас треба да е исклучително одговорен кога е во прашање сопственото здравје.

Што се подразбира под одговорност? Покрај редовните рутински годишни прегледи кои лекарите ги препорачуваат, кога се работи за ментално здравје од голема помош е посета на стручно лице. Психотерапевтите постојат токму за да ви помогнат да ги разрешите сопствените проблеми, пречки, сомнежи, несигурности. Но сè додека добороволно не им се обратите за помош тие нема да можат да ви помогнат. Вие сами го правите првиот, потребниот чекор, а потоа е многу поедноставно. Крајно време е стигматизациите и генерализираните стереотипите целосно да почнат да се рушат во нашето општество.

Така грижата за меналното здравје би била секојдневие и не би се гледало на тоа со етикетирање. Под грижа спаѓа разговор со психолог или друго стручно лице, како еден крупен, но многу важен чекор. Потоа, секојдневните активности што секој поединечно треба да ги прави секојдневно. Одвојување барем еден час во денот за себе и те како спаѓа во посакувана активност. Во тој час нема интернет, социјални мрежи, компјутер или ТВ туку си во дружба со своите мисли, емоции и сопствено присуство. Сам/а пред себе и она што те опкружува, во тишина или со тивка музика.

Се запознаваш себеси, што е она што те вознемирува? Што ти претставува радост? Што може да те налути кај себе, а што кај другите? Кога последен пат се смееше искрено? Дозволуваш емоциите да протечат низ тебе и да откриеш од каде потекнуваат. Кој е нивниот извор? Зошто се чувствуваш така како што се чувствуваш во тој момент? Одговорите на сите овие прашања можеш да ги запишеш во дневник или на обичен лист хартија. На овој начин ќе се запознаеш себеси многу подобро. Препознавањето на сопствените емоции и нивното локализирање е важна “алатка“ поврзана со грижата за менталното здравје.

Нека грижата за менталното здравје биде еден од главните приориетети на дневна основа. Менталното здравје не заслужува “третман“ само еден месец, на него се работи 365 дена во годината, а потоа пак одново во нов циклус. Грижете се за сопственото здравје, не го земајте здраво за готово никогаш. Вашето здравје е ваша лична одговорност и однесувајте се кон него со целосна почит, чистота и сериозност.

Прочитајте ги и следниве седум факти за менталното здравје за подобро разбирање на истото.

Наталија Наумовска

Напишете коментар