Skip to content

На Даница

Последен круг на безимени кругови
Долго во ноќта тапкаат на твоето име, оставаат траг во просторот
Тоа се само едни сребрени игри кои оставија златен печат
На нашето постоење.
Jа закопа твојата сенка под ова парче пресна земја
И почувствува како нѐ напушташ
Во догорувањето на Сонцето
Кога земјата се тресеше таа ’63.
Сакаше да ја затвориш вратата на спомените
И се враќам, се враќам врескаше низ сите влегувања и излегувања
Сулудо е ова враќање
Се враќам изгонета од ветрот
Заробеница сум негова
Чујте ме, ме има во сите сребрени ноќи
Ѕвезда сум на небово македонско
Никогаш не ставив точка на смртта,
Продолжувам да молчам силно
Знам, најтешко е да се молчи
Но, за мене говорат песните.
Толку подвижни и немирни, се растураат во ноќта,
Го притискаат времето со лицето
Ги наговестуваат птиците и пролетта
Како ведра мисла минуваат покрај
Секој добар сопатник.

Тогаш се отвори Земјата и го проголта
Постоењето на една толку голема невидливост
Која пркоси на времето.
Даница или Деница се пресели на небото
Да го грее македонското сонце.

Напишете коментар