Skip to content

Нула – Софија Петковска

Секој број помножен со нула е нула,
нулата собрана со друг број е истиот тој број,
секој човек каде и да е,
што и да стори,
истиот е
и пак кон себе секогаш се враќа,
на својата стартна позиција,
на своите почетоци,
бидејќи од коренот започнало се’,
навлегува длабоко во себе,
оти излезот секогаш е внатре.
Нулата е круг,
почеток без крај,
бесконечност
и вечност,
нит рабови,
нит страни,
совршена е.
Како Бог,
а од Бога сè започнува.
Секој од нула тргнува по патот,
стар,
млад,
важно не е,
оти нулата крај нема,
само почеток,
еднаква за сите,
важно е да се вратиш на изворот
и пак да почнеш сè,
можностите се насекаде,
препреките сами си ги правиме,
шансите дека нешто губиш се еднакви на нула,
животот е толку едноставен,
прост број,
обична нула.
Тркачот од нула ја започнува трката,
бебето од нула човек станува,
цветот од нула ‘рти,
мојот живот јас од нула го започнувам.

Напишете коментар