Skip to content

Предлог книга за тинејџери и возрасни: „Марта” од Горјан Петревски

Романот „Марта” на Горјан Петревски е убедливо најчитаната тинејџерска книга во нашата земја. За првпат е издаден во 1989 – та година во двеилјаден тираж и никогаш веќе помалку од тоа. Романот се состои од 32 глави и веќе го има надминато своето дваесто издание.

За приказната

Романот ја опфаќа приказната на Марта, седмооделенка која целиот свој живот го бара човекот по кого и е крстена – нејзиниот татко. Марта е опишана како едно од најубавите девојчиња во нејзината генерација, па поради тоа го фаќа окото и на Витан познат како Витез кој смислува разни интриги за да ѝ се доближи на Марта. Витан е постар, од почеток шармантен, културен и мил, но набргу ги покажува своите вистински бои кои алудираат на дете растено без љубов и грижа. Тој е суров, злобен и пресметлив. Животот на Марта од мигот кога го запознава Витан станува бурен, исполент со тага и  уште поголема тежина која, мислејќи дека ќе биде осудувана, Марта со никого не ја споделува.

Романот, иако роман наменет за тинејџери сепак опфаќа многу длабоки и актуелни теми како што се: Љубов, семејни врски, самоубиство, врснички притисок, обид за сексуално злоставување, депресија итн.

Зад приказната

Интересно за романот е тоа што можеби е базиран на една вистинска девојка чија приказна се крие зад писмо испратено кон Петревски на 19 – ти декември, во далечната 1985 – та година. Авторот во едно од бројните интервјуа посветени на „Марта“, создавањето на романот го опишува вака:

„Едно од мноштвото писма кои пристигнуваа до „Вљубената страница“ во списанието „Наш свет“, испратено од Ракотинци, крај Скопје, со печат од 19.12.1985 г., а потпишано со шифра „Несреќната Емона“ ми направи силен впечаток и ме инспирира да го создадам романот „Марта“. Името Марта го позајмив од, во тоа време, едно многу мило и симпатично девојче на мои пријатели, ќерката на Иванка и Иван Карадак, познатиот сатиричар, автор и режисер на емисијата „Хихирику“. Е, сега, тоа писмо напишано на три-четири страници со искрена исповед до мене, беше доволно да се развие приказна, која, на мое задоволство, им се допаѓа на младите. И, не само ним, „Марта“ ја читаат и возрасните.

Како ја пишував „Марта“? Најпрво замислата ми беше насловот да биде „Лажниот витез“, и да направам телевизиска серија од десет, а најмалку од шест епизоди. Го направив и сценариото и учествував на анонимниот конкурс во МТВ. Серијата беше добро оценета од жирито, но за жал, до снимање и нејзина реализација не дојде!“

„Марта“ е роман кој секој мора да го прочита без разлика на возраст и генерација. Mладите може да го искористат како поука, а постарите за да се потсетат како било кога тие биле млади, неискусни и незрели во овој голем и страшен свет, па така да соочувстуваат со поновата генерација.

Прочитајте го и предлогот за читање: „Парфем” на Патрик Заскинд.

Напишете коментар